Според ново истражување на Лин Пери, професорка по психологија од Универзитетот во Мајами, својството на зборовите кое се нарекува „иконичност“ (iconicity) - нивното значење да е блиско до тоа како звучат - е клучно за брзината со која децата ги учат. Помалите деца ги совладуваат овие зборови први, а по нив следат оние со пониска иконичност. Истовремено, возрасните имаат тенденција да користат по иконични зборови кога зборуваат со деца, отколку кога зборуваат со други возрасни.
Во статија објавена во списанието „Когнитивна наука“ од април 2021 се опишува спомнатото истражување, во кое истражувачите се обиделе да сфатат дали кога родителите користеле иконични зборови додека играле со нови предмети со своите деца (помеѓу 1-2 годишна возраст) тоа помогнало децата полесно да ги научат нивните имиња. Предметите биле сосема нови играчки и видови храна на кои истражувачите им смислиле специјални имиња, на пример „бликет“ за глинена играчка со апстрактна форма. Резултатот е дека кога родителите именувале нов предмет, нивните деца полесно го паметеле доколку тие во истата реченица употребеле високо иконични зборови. Ова важело и за говорителите на англиски, и на шпански.
Конкретен пример е ако родителот го подучува детето во врска со мачки притоа користејќи го зборот „мјау“ или за мед зборувајќи колку е „стики“ (леплив). Врската помеѓу звукот на збор како „стики“ и лепливата текстура на медот помага на детето да обрати внимание на тоа својство и да формира посилна меморија на новиот збор и неговото значење.
Следен чекор на истражувачите е да испитаат дали користењето на повеќе вакви „звукозборови“ може да им помогне на децата кои доцнат со зборувањето. Тие се исто така заинтересирани за тоа како говорот на родителите со нивните деца се менува со текот на времето и дали користењето на иконичниот јазик се намалува кога тие ќе сфатат дека детето совладало доволно зборови.