Во една приказна од 13 век, еден светец видел демон среде црква како влече огромна вреќа. „Ова се слоговите и изоставените зборови од псалмите што овие свештеници му ги украдоа на Бога“, објаснил Тутивилус, како што се викал демонот. „И можеш да бидеш сигурен дека ги чувам внимателно за да ги употребам кога ќе им дојде времето да се соочат со Страшниот суд.“
Во неговата вреќа, тие собрани слогови изгледале како зрна сол, а Тутивилус ги чувал во тајни одаи. Во некои верзии на приказната, демонoт дури се жалел дека мора секој ден да му носи на својот господар илјадници вреќи со грешки и пропусти, во спротивно следело тепање. Но, уште полошо било за неговите жртви – во пеколот тие ќе бидат осудени да ги носат вреќите како товар на своите души.
Слични демони кои ги следат и запишуваат гревовите на монасите постоеле уште од најраните денови на христијанството. Во некои преданија, тие седеле на покривите на манастирите и ги запишувале сите пропусти на монасите. До 13 век, оваа традиција се проширила толку што се верувало дека демони се виновни за речиси секој проблем што би го имал монахот – од невнимание, преку несоница, па сè до болки во нозете. Во еден стар трактат, „Liber Revelationum“, абатот Рихалм од Шонтал опишува демони кои се толку бројни што лебдат низ воздухот како прашина и паѓаат од небото како дожд. Еден дури видел како ѓавол му ги затнува ушите на монах за да не ги слуша светите текстови.
Монашкиот живот бил строг и повторувачки, па апатијата била чест духовен проблем. Мрзеливоста се сметала за смртен грев, првиот чекор кон пропаст. Затоа, пропуштените зборови во молитвите не биле мали грешки, туку опасни духовни пропусти што заслужувале внимание на демон.
Тутивилус не се ограничувал само на свештениците. Тој бил задолжен и за запишување на зборовите што верниците ги изговарале во црква кога требало да молчат. Така, се појавиле и варијанти на приказната во кои мали демони ги следеле жени што озборувале за време на литургија. Еден ѓакон, велат, забележал демон како седи на рамото на жена и запишува сè што зборува. Во други верзии, демоните внимателно ги бележеле дури и 'рчењата на верниците што заспале во црква.
Приказната за Тутивилус, значи, била и начин на црквата да ја одржи дисциплината – меѓу монасите и меѓу „разбрборените“ жени. Но, истовремено, нејзината фантастична, малку хумористична природа ја направила долговечна. Со текот на времето, Тутивилус добил нова улога. Денес тој се смета за „демон на типографските грешки“. Значи за сите коректорски во нашите текстови виновен е токму тој.