АСМР или автономна сензорна меридијална реакција е нешто помеѓу фетиш и психо-медицинска состојба. Иницирана е од „тригери“ како аудио или визуелни перцепции (најчесто комбинации од двете), на пример слушање на тивок шепкачки глас, повторувачки звуци од некоја обична активност (вртење страници од книга!), грепкање, тупкање, м`мкање.
Задоволството што се доживува при вакви сетилни поттици кај некои луѓе е толку големо што тие се навлекуваат на нив како на дрога. На пример на видеа во кои таканаречени АСМР „уметници“ нежно ракуваат со предмети, тивко шепотат во увце или прават звуци кои на милиони луѓе, кои ги следат овие канали, им се пријатни на ниво на сексуална дразба.
Звукот на четка како минува низ коса, ц`цкање на ножици, прскање со спреј. Додуша има и за нас тотално несфатливи, како сркање или џвакање, кое за нашите уши го има точно спротивниот, вознемирувачки ефект (оној на мизофонија). Но како и со секој фетиш и тука важи демократскиот принцип на избор - дали си повеќе (како Амели Пулен) по брцање рака во куп леќа, пукање онакви топчиња со воздух од заштитни фолии или (и да, ова го има во едно од видеата) минување со прсти по филтер ќесички со чај!
Никој до сега ја нема откриено биохемијата на конкретното физиолошко искуство кое го доживуваат луѓето, велат упатените, но изгледа дека улога игра окситоцинот или како што се нарекува „хормонот на љубовта“ кој се активира заради (макар и виртуелните) чувства на допир и блискост со најчесто младите и конвенционално привлечни жени (и по некој маж) кои ги прават ваквите јутјуб видеа. Но и не е сè сексуално во нив - тие стануваат особено актуелни во свет во кој се бара мир и спокој. Во него АСМР станува уметност на медитацијата и антидот на дезориентацијата на современиот живот. Или, со други зборови: