Роден во 1912 во семејство на воено лице а подоцна и политичар, Серџу Челибидаке уште од мал импровизирал на пијано, а бил добар и во математика и филозофија. Татко му го испратил на студии во Париз, очекувајќи дека по дипломирањето ќе се врати и ќе продолжи со политичка кариера во Романија.
Но во 1936 синот се запишал на Музичката академија во Берлин, раскинувајќи ги врските со семејството кои не ја одобриле ваквата одлука. Откако некое време минал како бездомник, победил во натпревар кој довел до тоа да стане најмладиот диригент во историјата на Берлинската филхармонија. Во ова додуша помогнал еден трагичен настан. Токму во тоа време, непосредно по крајот на Втората светска војна, Лео Боршард бил одобрен како раководител на филхармонијата во Берлин, но бил убиен кога се враќал со сопругата од забава во Берлин, поради недоразбирање помеѓу возачот и американскиот војник кој сакал да ги сопре. Во тој момент немало други „де-нацифицирани“ диригенти, па Серџу влегол на негово место.
Уште за време на студирањето Челибидаке бил воведен во зен будизмот од еден од своите наставници, и оформил светоглед и работна етика која го следела целиот живот. „Без зен-от немаше да го запознаам овој необичен принцип, дека почетокот е крај. Музиката не е ништо друго туку материјализација на овој принцип“, изјавил тој во интервју.
Неговиот пристап кон диригирањето често пати се опишува со она што тој не го правел, наместо со она што го правел. На пример, не сакал неговите концерти да се снимаат, а и кога бил принуден да се согласи на тоа воопшто не обрнувал внимание на овие снимки, сметајќи ги за нуспојава на она вистинското - настапите во живо. Плочите ги нарекувал „палачинки што пеат“. Наместо на снимање, неговиот фокус бил на создавањето, во текот на сите концерти, на оптимални услови за она што го нарекувал „трансцедентно искуство“, рефлектирани во зен будизмот низ концептот на „ичи-го, ичи-е“, кој ја промовира идејата дека секој момент во животот е неповторлив и оттаму треба да се цени како таков. Истовремено, за да овозможи подлабоко нурнување во музката често наметнувал побавно темпо од она означено на нотните записи.
Во Романија сега се подготвува биографски филм под работен наслов „Жолтата кравата“, во кој диригентот ќе го игра Џон Малкович, а сценариото е на синот на Челибидаке. Малкович изјавил дека се смета за почестен што ја добил оваа улога на „еден од најголемите визионери на класичната музика“. Челибидаке почина во 1996, на возраст од 84 години.