Се бара здрава концертна публика за германски коронавирус експеримент

Германски истражувачи повикале 4.000 волонтери да присуствуваат на поп-музички концерт, за да им помогнат да ги проценат ризиците од заразување со коронавирус на масовни собири.

Германија во моментов размислува за отварање на фудбалските стадиони и другите спортски сали. А тим доктори организираат експеримент кој би вклучил илјадници волонтери, а чии резултати би требало да покажат колку е безбедно да се биде присутен на музички концерт.

„Во вакви времиња мора да се донесат тешки одлуки за да се одбегнат опасностите“, напишале научниците од болницата во Хале. Истовремено тие потсетиле дека забраните за собирање претставуваат „егзистенцијална закана за голем број спортисти и уметници, кои зависат од публика за приход“.

Научно-истражувачкиот проект се вика „Рестарт-19“, а главниот настан ќе се одржи на 22 август во арената Квартербек Имобилиен во Лајпциг. Волонтерите, на возраст од 18-50 години, ќе присуствуваат на концерт на германскиот поп музичар Тим Бендцко. Сите ќе треба да донесат потврда дека биле тестирани за коронавирус и се негативни. Тие сепак ќе носат FFP2 маски и ќе треба пред влегувањето да ги поминат рацете со флуоресцентен дезинфициенс, што ќе им овозможи на истражувачите да ги забележат површините кои најчесто се допирани од публиката. Најважно од сè е што волонтерите ќе носат апаратче кое ќе ги следи нивните движења и раздалеченоста од другите посетители. Вообичаено спомнатата сала може да прими 12,000 луѓе но сега во неа ќе има само 2,000.

Сепак, најголемиот предизвик доаѓа после ова, а се состои во обработката на податоците и донесувањето некакви заклучоци и препораки. Целта е да се идентификува можната рамка според која уметниците и спортистите повторно ќе можат да настапуваат и по 30 септември, до кога важи забраната за масовни собири во Германија.

извор

18 јули 2020 - 10:01