Во Вајнмарска Германија (1919-1933), Тухолски бил најплодниот и најлуцидниот новинар од областа на културата. И денес е многу читан во родната Германија, а неговите книги се продаваат во милиони копии. Но до сега тој речиси и да не беше познат во англиските говорни подрачја.
Берлиника, мала издавачка куќа со канцеларии во Њујорк и Берлин сака да ја исправи оваа неправда, и да му укаже на Тухолски чест каква му направи минатата година Франзен во „Проектот Краус" на Карл Краус - уште еден сатиричар на германски јазик од 20. век (за кого пишувавме тука).
Сопственичката и практично единствената вработена во издавачката куќа, Ева Швајцер, е германска новинарка која ја основала Берлиника во 2010 за да го задоволи апетитот на читателите на англиски за нешта поврзани со Берлин - до сега има издадено берлински готвач, ЦД со берлински кабаретски песни и „Рокајќи го ѕидот", книга за концертот на Брус Спрингстин од 1988 од Ерик Киршбаум.
И сега Тухолски. „Тој е генијален автор, и иако се занимавал со новинарство неговото дело сè уште делува актуелно", изјавила Швајцер. Првата книга од него преведена на англиски се вика „Берлин! Берлин! Написи од Вајмарската република", збирка новински текстови во проза и стихови. Втората е „Рајнсберг: приказни за љубовници", новела која го ставила Тухолски и на книжевната мапа, кога била објавена во 1912.
Особено тежок за него бил периодот на Првата светска војна. Тогаш, завршувајќи го докторатот по правни науки, тој пишувал за едно театарско списание (Светска сцена), кое станало водечки глас на независната левица. Имал дури четири псевдоними за да може да пишува за сето она што го допирало: Теобалд Тајгер, Питер Пантер, Каспар Хаузер и Игназ Вробел. Со истиот жар продолжил и по војната и кога нацизмот веќе чукнал на врата. Неговите стихови биле често користени во кабаретските претстави. Имал беспрекорна смисла за хумор, но знаел да биде и романтичен, а и многу да ризикува.
Кога нацистите ја презеле власта во 1933 тие ги запалиле книгите на ова „еврејско боцкало“ и му го одзеле државјанството. Заминал во егзил во Шведска, но не можејќи да го поднесе она што се случувало во Европа зел фатална доза лекарства, и починал на 45 години.
„Полека полудувам од тоа како ја уништив Германија", му пишал тој на еден пријател. „20 години ме боли една работа - дека не успеав да избркам од работа барем еден полицаец".