На 1. октомври од печат излегува книгата „Проектот Краус", кој претставува превод на Франзен на три најпознати есеи на австрискиот „општествен коментатор и сатирички гениј" Карл Краус, придружен со детални белешки на самиот Франзен. Краус од 1899 до смртта во 1936 го уредувал и го објавувал влијателното списание Die Fackel (Факел), при што од 1911 тој бил и единствениот автор кој во него пишувал.
Мегаломан, арогантен и пис на јазик, „Хејтерот", како што го нарекувале, создал култ од сопствениот стил, кој бил намерно тежок, некаков вид кодиран јазик чии пораки до крај можеле да го разберат само иницираните. При една кавга преку медиумите со некој познат драматург од тоа време, Краус на почетокот на својот текст напишал: „Ако тој разбере барем една реченица од овој есеј, подготвен сум да се повлечам".
Но тоа не значи дека Краус глумел интелектуална елита, и дека неговите ставови немаат никаква смисла. Всушност денес, седумдесетина години од кога се напишани, тие го добиваат вистинското значење. „Почнуваат да владеат две крајности на интелектуална вулгарност", вели тој, „неотпорност во однос на содржината и неотпорност во однос на формата." Сепак помеѓу двете крајности тој ја бира првата, бидејќи е по „германска", и му остава на човека простор за фантазија, наспроти наметнувањето лажно, универзално високо ниво на рафинираност - певливи мелодии за животот, наместо реалната, груба врева на секојдневието.
Франзен ставовите на Краус ги применува на современата култура, споредувајќи ги во оваа смисла технолошките брендови и нивната идеологија. Ако суштината на еден производ на Епл е да станете „кул" со самото тоа што го поседувате без оглед што правите со него, тогаш токму него би го имал предвид Краус кога денес би зборувал за „неотпорност кон формата". На другата страна на равенката Франзен ги става персоналните компјутери и Windows, иако многу посоодветно би било тоа да го направи со Линукс и воопшто слободниот софтвер, со кои изгледа дека нема искуство.
„Верувајте ми, вие среќни и насмеани луѓе, во култури каде секој идиот има индивидуалност, индивидуалноста станува работа за идиоти". Уште еден став на Краус кој може да асоцира на елитизам. Но тој всушност им се обраќа на бистрите и добро образованите „културни авторитети“, кои би требало подобро од сите останати да имаат увид во тоа како стојат работите, и да пружат отпор. Франзен во овој контекст ги спомнува Салман Ружди и неговото присуство на Твитер, книжевните списанија кои ги укинуваат нивните печатени верзии и се ориентираат исклучиво кон интернет, или професорите-левичари (ај да погодиме на кого се мисли), кои иако во минатото го обвинувале капитализмот за неговиот безмилосен напад врз секоја традиција и секоја заедница, сега го опишуваат корпоративниот интернет како „револуционерен".
Најимпресивното во врска со Краус, според Франзен, е тоа колку рано и колку јасно го препознал јазот помеѓу технолошкиот развој, и моралниот и духовниот напредок. Техновизионерите во 1990-тите ветуваа дека интернет ќе нè донесе до нов свет на мир, љубов и разбирање, а главните во Твитер си припишуваат заслуги за арапската пролет. Ако ги слушаш нив, вели Франзен, ќе помислиш дека источна Европа никако не можела да се ослободи од Русите без мобилни телефони, или дека Американците кои им пружиле отпор на Британците и го напишале американскиот Устав никако не можеле тоа да го сторат без 4G.
Тој не заборава да удри и по Амазон, нарекувајќи ја неговата политика на уништување на книжевниот вкус и независните книжарници „амазонска хегемонија". Сепак признава дека она што тој го толкува како пропаст на човештвото пред налетот на сето гореспоменато е можеби сепак само негов субјективен став, дека тој жали што исчезнуваат или ќе бидат збришани работите кои НЕМУ му се допаѓаат: „Можеби апокалипсата е, парадоксално, секогаш индивидуална, секогаш лична. Последните денови на човештвото би требало да гласи Последните денови на она што мене ми е убаво. Сепак, Краус беше првиот голем пример на писател кој целосно искуси како модерноста, чија суштина е во забрзување на стапката на промена, самата создава услови за лична апокалипса". А ако е лична, тогаш не е проблем.