Прелиминарниот извештај на Комисијата на Руската академија на науки, објавен на 7 јануари, кој носи датум од октомври 2019, според текст на Science, го потврдува и зголемува сомнежот на многумина, дека работите во руската наука не се баш онакви какви што се претставуваат во домашната и светската јавност.
Русија има околу 6000 научни списанија. Од нив најголемиот број се објавуваат само на руски, а тие им се истовремено омилени на руските научници. Руските автори често препишуваат без да цитираат, но и ги реобјавуваат сопствените истражувања за да им се бројат како повеќе статии. Антиплагијат, компанија за детекција на плагијати, во септември 2019 минала низ 4.3 милиони студии на рускиот јазик и пронашла дека од нив 70.000 се објавени најмалку два пати; имало и такви кои се објавени дури 17 пати. 10.000 автори пак преземале делови од ракописи напишани од други автори, кои веќе биле прифатени за објавување.
Комисијата на Руската академија на науки, го истражила проблемот независно. Еден од нејзините раководители е физичар на Институтот за теоретска и експериментална физика, а во комисијата има членови и од Руското здружение на научни уредници и издавачи и од Руската научна електронска библиотека. Таа користела софтвер за пребарување на стотици списанија на руски, од природни науки, агрономија, психологија, до економија и право, барајќи потенцијално преклопување на текст. Потоа сомнителните статии се проверувани рачно. Откриени се и случаи на „опскурно авторство“ - кога одреден автор фигурира како таков во едно списание, а во друго, иако станува збор за сосема истиот текст, автор е некој друг. Исто така имало примери на „подарено“ авторство, кога некој воопшто не учествувал во истражувањето и пишувањето на статијата, а сепак е потпишан како автор.
Изминатово лето комисијата побарала од 541 списание да повлечат вкупно 2528 текстови. 263 од нив прифатиле да го сторат тоа, повлекувајќи над 800 текстови, или дале легитимни причини зошто статиите не треба да бидат повлечени. Осум списанија експлицитно одбиле да се занимаваат со оваа тема, па комисијата препорачала пет од нив да бидат избришани од Рускиот научен индекс на цитирање.
И тоа не е сè. Истата комисија предизвика скандал во септември 2019 кога препорача да не се гласа за 56 кандидати од повеќе од 1800 во текот на избори за членови на академијата, поради нивна вклученост во плагијаторство или друг вид академски „грев“.
Види претходно „Јужнокорејски професори си ги потпишувале децата како ко-автори“