Во 2017 во јужнокорејските медиуми почна да се пишува за праксата истражувачи и професори да ги наведуваат имињата на нивните деца, често пати и малолетни - основци и средношколци, како ко-автори на стручни и научни текстови, иако децата секако не придонеле за нив.
Најпрвин се слушна за шестмина вакви истражувачи, но сега има уште 11 нови, а вкупниот број статии потпишани на овој начин од моментот кога е започната истрагата е 24. Додуша има и случаи кога истражувач навел име не на свое, туку на деца на некој познат или пријател, а сето тоа за да им ги подобри шансите за упис на факултет, со оглед на страшната конкуренција која владее во високото образование во оваа земја.
Овие статии беа повод за покренување интензивна истрага за начинот на кои се примаат на универзитет децата на побогатите. Во Јужна Кореја ваквиот вид измама може да повлече строги казни, како суспензија, една година забрана за учество во национални истражувачки активности, па и отказ. Наводно еден професор од универзитет во Сеул веќе го загубил работното место. Се става под знак прашање и досегашната пракса средношколци да бидат вклучени во пишувањето научни статии , бидејќи тие не можат сериозно да учествуваат во истражувањата, а истото остава голем простор за злоупотреби, како оние кои сега се откриваат.