Имавме среќа Лео да се најде таму на денот на отварањето - му завидуваме што цели пет часа се нурнал во доживување, кое изгледа истовремено забавно, поучно и...среќно.
Еве ја неговата репортажа.
За Букбокс од Франкфурт, Леонид Р.
Свршив работа шо се вели за денот, па реков да прошетам малку под облакодерите во Франкфурт, како и стално погледот нагоре, а вратот укочен – има нешто што стално ме тера да избројам колку спратови се до горе. Таман стигнав до 42 на највисоката, мислејќи како ли изгледа светот да го гледаш секој ден од таму, среќни ли се банкариве додека бројат нули свои и туѓи, ми стига порака од Кеврешан: „Happy Show од Sagmeister отвара вечерва во Франкфурт. Значи мораш да одиш". Си викам на толку стриптиз барови и клубови во градов, јас во музеј ќе се усреќам. Ама му верувам на другаров кога се работи за естетика, плус имав точно ништо друго во план, и нога пред нога – правец в музеј.
Всушност, самата изложба е на некој начин елегантен, возбудлив извештај на истражувањето на самиот концепт на „среќа" од стана на овој прочуен њујоршки дизајнер. Поставката е доста вербална и користи јазик како дополнување/контекст/појаснување на прекрасните дизајни и видеа расфрлани насекaде низ просторот. Уште на прв поглед сфаќам дека сè е напишано на германски (логично, типов e Aвстриец и на сред Швапска сме нели), но иако јас и германскиот сме засега скарани, без никаков проблем продолжувам да зјапам во перфектно јасните инфографици.
Што е среќа? Дали е тоа добрата работа или парите? Љубовта или сексот? Сигурноста и прифатеноста? Или се тоа удобните чевли? Уметноста можеби? Она што ме фасцинира кај човеков и неговите дела е искреноста, или уште повеќе храброста со која влегува во двете: поставување на прашањата и прифаќањето на одговорите, какви и да се. Изложбата исто така користи заклучоци и податоци од голем број истражувања на истакнати психолози и социолози кои се помачиле да најдат некој одговор или два.
Визуализацијата на прашањава и одговорите е хипнотизирачка; мелем за око од една страна а провокативна за чувствата од друга - тоа е нели задачата на секоја поставка. После три паноа и една проекција на видео си велам „седи, одличен 5".
Видеата се непрепраскажливи, лефтерна, бестежинска парада на совршени форми и бои во кадри кои те галат по душата, додека мозокот се напрега да ги впие пораките: „Having guts always works out for me", „Everyone that is honest is interesting" или „It is imposible to please everybody".
Загмастер самиот ја поставува изложбата во секој нов простор во последниве неколку години и притоа голем дел од текстот и дел од експонатите е нанесен на ѕидовите лично од авторот. Сите грешки во ракописот не се случајно оставени (некои „ѓомити" невешто скриени или прецртани), и се во склад на една од познатите негови изјави: „Embrace faliure and do a lot of stuff – as much as stuff possible – with as little fear as possible" (Прифати го поразот и прави многу нешта - колку што може повеќе нешта - со колку што е можно помалку страв). Се игра со просторот и го инволвира истиот, ставајќи бесмислени коментари од штекерите на музејските ѕидови, или пак на лифтот чии врати ги насликал со љубовници кои се спојуваат во коитус штом ќе се затворат. Од една страна, ја редизајнира одново и одново самата поставка, додека од друга - просто се шегува со себе и со нас.
Завршив со неговите инспиративните TED видеа (тука и тука) кои се исто така дел од неговата изложба, во кои објаснува зошто неговото студио секои 7 години една година е затворено, како и што правел цела година на вториот сабатикал на Бали, снимајќи го The Happy Film (премиера има деновиве на Трибека фестивалот во Њујорк и едвај го чекам).
После 5 (!) часа поминати во не повеќе од 300 метри квадратни излегов со детска, искрена насмевка на лицето. Но не дека самата изложба ми го промени животот и ме направи среќен, не: како што Стефан вели во едно интервју – „нема да ослабете ако гледате во теретаната – мора малку и да повежбате, нели". Среќен бев дека најдов уште еден „од нашите", човек кој не се предал во успехот и комфорот туку напротив, кога е на врвот на својата креативност ги поставува најтешките прашања, безрезервно го користи својот талент да нè ангажира, а нè да ни сервира, сето тоа влегувајќи длабоко во човечката суштина и вечната потрага по среќа.
Фала му за тоа, да ни е здрав, жив и да не радува вака од време на време. И секако топла препорака ако ве носи патот до Музејот на применета во Франкфурт (изложбата се отвори на 23.4, а трае до 25 септември), или било каде ја начекате по белиот свет..
Леонид Р.
Загмајстер зен видео за со утринското кафе: