Речникот е направен како дел од затворската образовна програма, која ја води Универзитетот Сент Луис и професорот по англиски Пол Линч, волонтер во затворот, коjшто е поделен на две крила, со средно и максимум обезбедување. Затворениците (двајца од нив подолу на сликата) сами се пријавиле за проектот со обврска да работат со Линч два часа еднаш месечно, иако нивните активности станале поинтензивни откако еднаш влегле во приказната.
Линч ги инспирирал со тоа што претходно им дал да прочитаат дел од „Значењето на сè“, книгата на Сајмон Винчестер за создавањето на Оксфордскиот речник на англискиот јазик. Идејата била да им се покаже на затворениците дека еден речник не е (и не треба да биде) ригиден список на зборови и правила за нивна употреба, туку огледало на тоа како се зборува во реалниот живот.
Нивна задача најпрвин било да напишат збор кој го употребуваат секојдневно, а кој е неразбирлив за некој од надвор, и да понудат сопствена дефиниција, како и пример за негова употреба во реченица. На крајот се собрале неколку стотина зборови, кои потоа биле сведени на 60. Низ дискусиите се покажало дека постои и генерациско-лингвистички јаз помеѓу затворениците - постарите знаеле некои термини за кои помладите немале поим, и обратно. Еден од нив на пример, бил дун-дун (од dungeon), кој се однесува на самиците, кој сепак е вклучен во речникот за да се обезбеди и некаква историска меморија дека таков збор постоел.
Сепак, некои зборови биле прескокнати заради тоа што го претставуваат насилниот или сексуалниот дел од затворскиот живот, нешто што официјалните лица не сакале да го видат отпечатено во книга, а пак затворениците сакале да го сочуваат како тајна, особено ако се однесува на некои нивни матни бизниси внатре затворот.
„Верувам дека има термини кои затворениците не ми ги кажаа. Не знам кои се тие, но која и да е набљудувана популација развива јазик делумно за да скрие одредени нешта", вели Линч.
Примероците од речникот засега ги има само во библиотеката на затворот. Еве некои од најинтересните зборови:
kite (летало): Неформална порака испратена од затвореник. Истиот збор е прифатен и помеѓу чуварите во затворот - не е необично некој од нив да му рече на затвореник „ако имаш некаков проблем само пушти летало"
two-for-three: Се користи при ценкање, како во: „Ајде да на правиме две-за-три. Ќе ти дадам три ќесички чипс подоцна, ако ми дадеш две сега"
boat (чамец): Пластичен кревет кој се користи кога затворот е пренаселен
pumpkin: Термин за новодојденци во затворот бидејќи тие носат портокалови униформи наместо вообичаените сиви, кои се добиваат откако ќе бидеш официјално примен во затворот
и веројатно најдобриот -
Cadilaс: кафе подготвено во затворот, ама со сите салтанати (=млеко и шеќер)