Во 2005 излезе „Пред хомосексуалноста во арапско-исламскиот свет, 1500-1800“, студија на историчарот Калед ел-Руаеб. Насловот навидум сугерира дека пред шеснаесетиот век хомосексуалност во исламските земји немало. Всушност се работи за „хомосексуалност“ како термин, кој бил измислен во 1868 од австро-унгарскиот автор и новинар Кароли Мариа Кертбени, за да го опише она што претходно било сметано (само) за начин да се има секс, но не и за вродена природа, односно идентитет.
Ирвин Џамил Шик, истражувач од MIT, чиј интерес е интелектуалната историја на родот и сексуалноста во контекст на исламот, и особено на Турција, неколку години ги „чешла“ отоманските книжевни дела барајќи сексуална терминологија. На тој начин настанал „Еротскиот речник на отоманската литература“, проект на кој тој работи со уште двајца колешки-отоманисти, а кој засега содржи повеќе од 600 зборови, но се уште се дополнува. Тој според авторот, кој на почетокот не можел ни да претпостави дека ќе наиде на толку голем број еротски термини, можеби не ни дава прецизна слика за тоа како луѓето живееле, но го отсликува начинот на којшто тие мислеле во врска со сексот, особено на територијата на модерна Турција и на нејзините непосредни соседи.
При истражувањето на овие термини забележани се неколку јасни шеми. Најпрвин, тоа дека може да се зборува за три рода и две сексуалности - мажи, жени и момчиња, кои не се сметаат за „женствени“, ниту пак се замени за жени, но споделуваат некои особини со нив, како отсуството на фацијални влакна. Бидејќи дури и кога ќе пораснат во мажи тие го „памтат“ периодот кога биле момчиња, на некој начин секој возрасен маж е „транс“.
Двете сексуални природи не се хетеро/хомо, туку активна/пасивна, во однос на тоа дали некој пенетрира или е пенетрирано во него. Притоа термините кои ги опишуваат првите се ослободени од некакво вредносно одредување (добро/лошо, чисто/валкано), туку се понеутрални. Такви се на пример matlab (некој кој бара, посакува), meşreb (темперамент, диспозиција), mezheb (начин на однесување), tarîk (пат, начин, метод) и tercîh (избор, преференца). Изборот на мажот на сексуален партнер се чинел повеќе како работа на вкус, нешто како што денес некој повеќе би сакал вино од пиво.
„Хомосексуалност“ како „чадор-термин“ кој би покривал и машки и женски партнери, млади и стари, активни и пасивни, во отоманскиот турски не постоеле. Но затоа постоеле високо специјализирани зборови кои опишувале учесници во одреден сексуален чин кои исполнуваат специфични улоги.
Сепак, до доцниот 19 век, врските помеѓу мажи и момчиња почнале да паѓаат во немилост. Во еден често цитиран документ поднесен до султанот Абдулхамид Втори (1876-1909), историчарот и функционер Ахмед Севдет паша напишал:
„Љубовниците од женски пол зачестија, а бројот на саканите момчиња се намали. убовта и афинитетот кои во Истанбул вообичаено беше насочена кон млади мажи сега се насочува кон девојки, во согласност со природните закони“.
Оваа промена ги отворила портите на западната хетеронормативност, но и на репресијата. Денес хомофобијата е силна во Турција, што е иронично со оглед на почитта која формално му се оддава на отоманското наследство од страна на владеачката елита.
Подетално за речникот на отоманска еротика на следниов подкаст, во кој низ неакадемски но информативен разговор се објаснува и методологијата на проучување на овие зборови, кои не е секогаш јасно дали се метафори или зборови кои биле во секојдневна употреба
Извор: Аеон