Психологот Гај Винч (Guy Winch) тврди дека луѓето многу кукаат, но кога ќе дојде до тоа да кренат глас против некаква неправда или да побараат промена не се толку агилни. Причината за ова е разбирлива - често пати отвореното изразување незадоволство не ја постигнува целта, само го става во ранлива позиција оној кој се жалел. И ова важи не само кога станува збор за поплаки кон институции и авторитети, туку и кон домашните и пријателите.
Винч тврди дека има подобар начин за да се премине овој јаз меѓу кукањето и поплаката, а го објаснува во неговата нова книга The Squeky Wheel, според англиската поговорка, „Тркалото што цивка“ (прво се подмачкува). Тој препорачува формула наречена „сендвич на поплака“, серија од три изјави наштелувани така за луѓето на кои се однесуваат да станат поподготвени за бараната промена.
Првото „парче леб“ во сендвичот е позитивна изјава која би требало да го спушти гардот на слушателот пред тој воопшто да ја слушне поплаката. На пример ако некој дома не ги мие садовите, не веднаш да му се скокне со ваква поплака, туку прво да му се каже колку е внимателен на други полиња.
„Месото“ на сендвичот е самата поплака, и тоа треба да биде тенко и меко. Со други зборови, треба да се однесува на еден изолиран инцидент, а не на сè од дедо Ное, и да не содржи генерализирачки коментари за нечиј карактер. Значи не „ти, мрзо една, откако те знам си таков!“, туку „забележав дека не си ја изми шољата кафе од сабајле“.
Последната компонента на сендвичот е уште една позитивна изјава, таква што мотивира нештата да се направат поинаку. Тоа би можело да биде нешто како „Многу би бил среќен/среќна ако следниот пат ги измиеш садовите“.
Ова е форматот кога се жалиме на некој близок и познат, и иако прилагоден во деталите истиот би требало да функционира и со непознати. Поентата е во ниту еден случај да не се крева тонот, и да не се биде саркастичен, затоа што тоа го насочува вниманието во погрешен правец. Секако, понекогаш дури и највнимателно сложените поплаки не даваат резултати. Тогаш на сцена повторно стапува кукањето - жалењето за нешта кои не можеме да ги промениме. Но во случајов барем сме се потрудиле.