Оркестарското дело кое Гершвин го напишал во 1924, и кое од тогаш е едно од најпопуларните остварувања на современата музика, „Рапсодијата во сино“, сега ќе стане уште поизведувано, и веројатно креативно толкувано така за да ја отсликува Америка во новото време. Тоа е едно од делата кое на 1 јануари, кој се одбележува како Денот на јавниот домен, стана достапно за користење без да мора за тоа да се платат авторски права.
Освен него, во јавниот домен меѓу другите влегоа и немите филмови на Бастер Китон, првата филмска адаптација на „Петар Пан“, романот „Волшебниот рид“ на Томас Ман, „Ние“ на Замјатин, „Патување до Индија“ на Форстер, како и џез стандардот „Лејзи“ на Ирвинг Берлин.
Помеѓу спомнатите филмови на Бастер Китон е и „Младиот Шерлок“ кој се чува во Конгресната библиотека во Вашингтон, а е опишан како еден од најсмешните филмови во американската историја. Со влегувањето на овие дела во јавниот домен ем се потсетуваме на нивното постоење, ем се отвара можност за нивна креативна интерпретација.
целиот список тука