Стивениџ е гратче на север од Лондон, со околу 80,000 жители, а меѓу нив денес 75-годишниот Дик Данкан. Откако негов пријател во 1960-тите му го пуштил пиратското радио Каролајн, едно од оние кои во тоа време се емитувале од брод среде меѓународно море, единствената амбиција на Дик му станала да прави радио програма, која нема да биде „теткинска“ како онаа официјалната на Би-би-си. Додуша, не дека не се обидел да се вработи токму таму, но секретарката кај којашто се обратил го почастила со совет - да си најде сериозна работа, и да не си го губи времето со радиото.
Но „црвот“ веќе бил влезен. Во својата спална соба, со позајмена и импровизирана опрема, Дик почнал да создава програма, иако не и да ја емитува, бидејќи за тоа никогаш не би можел да добие официјална лиценца.
Во 1967 британската влада го затворила Рејдио Керолајн, и го прогласила за незаконско работењето на британските државјани во вакви пиратски радио станици. Сепак, Дик одлучува да се јави на оглас за Радио Северно Море и откако го добива местото (за кое сигурно немало многу кандидати), дава отказ на работа и почнува да се пакува.
Неколку дена пред поаѓање се случува катастрофа - радиото е бомбардирано од конкурентска пиратска станица од Холандија! За среќа нема повредени, но програмата е прекината и поминува подолго време пред да се активира повторно. Дик нема друго чаре - се враќа на градилиштето. Во текот на викендите настапува како ди-џеј во локалниот клуб под името Дик Дино, но со истиот радио стил, дури и со џинглови. „Имав џигерици, долги бркови и си велев - згоден сум или што? И мислам дека не беше што“, вели тој во подкастот Снеп Џаџмент посветен на неговиот живот.
Меѓу девојките кои биле редовни на свирките била и Тереза. Само три месеци по нивното запознавање, се зеле. Дик продолжил да си ги снима емисиите кои ги правел дома, а им ги пуштал само на пријателите. Тие пак му помогнале да ја смести опремата во новоизградена градинарска остава. Се собирале во петок навечер и речиси и да не спиеле до понеделникот. Измислувале временска прогноза („не многу топло не многу студено“), лажни реклами и вести (за украдени колички од локалниот супермаркет). Се однесувале како да имало слушатели, а немало, освен еден. Преку звучник во дневната единствената која ги слушала била Тереза.
Сепак, муабетот се проширил и одеднаш екипа на Би-би-си телевизија се нашла пред нивниот дом. Во ова видео е опишано нивното необично секојдневие, иако продуцентот одлучил целата приказна да ја прикаже како љубовна - дека Дик ова го правел само за жена му. Не дека не, ама па и не дека тоа била целата приказна.
Вистината била дека Тереза била оставена да се грижи за трите деца, додека мажот ѝ или бил на работа или правел емисии буквално за своја душа. Всушност откако се зеле ретко се гледале. А очигледно Дик немал намера да се откаже од сонот. Во еден момент ја продале куќата и топтан заминале во Сан Диего, каде тој мислел дека ќе има поголем успех. Но откако го примиле во само една станица, во трета („гробарска“) смена, сфатил дека платата навистина е бедна. Жената од Би-би-си испаднала во право.
Се вратиле во Британија, но Дик паднал во депресија, уште повеќе откако Тереза го оставила. Во интервјуто сега стариот ди-џеј признава дека во тој период бил себичен и дека правењето лажни радио емисии му било некој вид ескапизам. Откако од автомобилот некој му ги украл касетите со емисиите, решил да ја спакува опремата и да се откаже од целата работа.
Но од пишаното не се бега. Се среќава со нова девојка која го поддржува во идејата да се врати во студио. Ја адаптираат гаражата и Радио 77 е повторно „во етерот“, со тоа што сега единствената слушателка е Памела, која ги чита и вестите.
Но токму тогаш нешто се случува што конечно му го исполнува сонот на Дик. После 45 години Би-би-си го качува филмот од седумдесетите на својот Фејсбук, луѓето се воодушевени и почнува голема потрага по некогашниот ди-џеј. Дик самиот се пријавува, се емитува посебна емисија со него, а Би-би-си му нуди да води специјална едночасовна емисија вечерта на Божик. Човекот е пресреќен, дури и се расплакува. Милиони луѓе, вистински слушатели, конечно имаат шанса да го слушнат.