Приказната има врска (пак) со Улисис С. Грант, за кого се врзани веројатно најинтересните, а помалку познати детали од приватниот живот и мандатот на поранешни претседатели на САД (види претходно Амузија: вистинската приказна за претседателот што не можеше да слуша музика). Кога во 1872 полицаецот Вилијам Хенри Вест го запрел Грант за брзо возење со кочија на улиците на Вашингтон, тој му издал само опомена. Но веднаш следниот ден повторно го пресретнал во друга трка со пријателите.
Фатен како „виновно учениче од наставникот“, Грант наводно прашал: „Дали мислите дека возев пребрзо?“. Вест одговорил потврдно, и додал: „Многу ми е жал претседателе, вие сте шеф на нацијата а јас само обичен полицаец, но должност си е должност и ќе морам да ве уапсам“.
На овој начин Грант влегол во историјата како прв и досега единствен претседател кој бил уапсен во текот на својот мандат. Доналд Трамп сега е првиот поранешен претседател кој ја носи оваа титула. Други се имаат најдено во сивата зона на законот, но имаат одбегнато аспење. Во 1974, претседателот Џералд Форд го помилувал Ричард Никсон за какви и да е кривични дела направени како дел од аферата Вотергејт; во 1997, Бил Клинтон се соочи со граѓанска парница за сексуално вознемирување, што заврши со вонсудски договор.
Поранешниот командант на силите на Унијата, Грант почнал да јава коњи уште во младоста. Откако станал претседател обожавал буквално да јури низ градот, и иако ова било прв и веројатно единствен пат да биде уапсен за тоа, опомени имал многу повеќе. Што се однесува до полицаецот, станува збор за ветеран кој се борел за целосно црниот одред во текот на Граѓанската војна, а кој кога бил примен во полицијата добил за задача да внимава на возачите на кочии во „аристократскиот дел на градот“. Брзо возење и несреќи биле карактеристични за населбата Брајтвуд, каде Грант и други ентузијастични јавачи често организирале неформални натпревари, на штета на пешаците.