Кога Улисис С. Грант бил инаугуриран во 1869, на прославата се појавиле илјадници луѓе. Тоа била една од најголемите забави во тој период, со скапи билети и помпа која правела настанот да личи на крунисување на монарх. Секако, целата работа била придружена со многу музика - барабани, лимен оркестар, пеење.
Но еден човек не можел да ужива, иако музиката била во негова чест. Постои дури и славна изрека која му се припишува на овој славен генерал од американската граѓанска војна, која доста објаснува:
„Знам само две мелодии: една од нив е Јенки Дудл Денди, а другата не е“.
Иако ова може да звучи како иронична забелешка од професионален војник кој изразува презир кон било што друго што не е воена музика, вистината е дека ушите на генерал Грант едноставно биле премногу сензитивни поради ретка невролошка состојба. Интересно, но од истиот ќе страдаат уште најмалку два идни претседатели, Теодор Рузвелт и Вилијам Тафт. Се нарекува конгенитална амузија (или музичка агнозија), неспособност да се слуша музика и истата да се доживее односно разбере. За оние со ваквото нарушување, музиката звучи како какофонија.
Не е јасно колку луѓе во светот ја имаат оваа состојба, делумно затоа што понекогаш таа се меша со едноставна немузикалност. Но амузијата не значи дека некој има проблеми со слухот или дека не е доволно уметнички сензитивен. На човекот со ваква состојба Бетовеновата петта и „Не се бели Маре мори“ му звучат исто. И исто лошо.
Причината за појавата на амузијата се уште не е позната. Понекогаш мозокот е повреден после удар, во други случаи амузијата се пренесува генетски - во последниве 100 години истражувачите дошле до заклучок дека немузикалноста е семејна карактеристика, што во голем дел случаи може да е резултат на амузија. Без оглед, физиолигијата е иста. Кога звуците се процесираат од увото, од страна на мозокот, информацијата е енкодирана и периодично складирана во дел од мозокот познат како аудиторен кортекс. Кај луѓето со амузија овој кортекс е неактивен, па секоја слушната нота веднаш се заборава, односно мозокот не е во состојба да ја сфати мелодијата.
За жал, од амузија поради различни причини можат да заболат и професионални музичари, каков што бил случајот со Морис Равел, кој во последните години од својот живот прележал невролошка болест која му предизвикала тешкотии во читањето, пишувањето, и разликувањето музика. Постојат музиколози кои сметаат дека неговото најпознато дело, „Болеро“, со својата репетитивна структура и релативно сиромашната мелодија и линеарност било одраз на неговата болест.