Сè се закочи како стоп кадар. Ме чекаат часови на факултет и куп дневни обврски, но тоа станува споредно и беспредметно.
Му праќам порака на син ми Игор. Тие беа другари, минаа долги ноќи играјќи табла. Син ми одговара на телефон, во гужва е, чува мали деца. Вели: „Беше толку добар човек“. Чувствувам по гласот дека му доаѓаат солзи на очи. Вели: „Ова бара итна чаша ракија“.
Стигнува порака од Соња од „Време“. Потресена е. Прашува дали нешто би напишал. Следи порака со техникалии. „Текст од најмалку 4800 карактери со проред“. Си мислам, уф, добро е вака што се меша фарсичното со трагичното, инаку би ми станало неиздржливо.
Ѝ пишувам порака на Тамара во ЈДП. „Драга Тамара, ме потресе веста дека заминал нашиот Хамлет, Глоговац. Те молам пренеси длабоко сочувство на семејството и колегите. ’Лека ти ноќ, драг принцу’“.
Не очекувам одговор, кој знае колку е траурно во театарот. Но таа сепак се јавува и заблагодарува.
Му пишувам на Ацо Поповски на Вибер, му праќам цитат од Шекспир, на англиски: "Now cracks a noble heart. – Good night, sweet prince, And flights of angels sing thee to thy rest!" Ми возвраќа со убиствена реченица, на македонски: „Си замина принцот“.
Работата се згуснува, како темен облак. Отварам интернет. Театарски Белград завиен во црно. И не само театарскиот.
Во главата ми се редат слики, како на монтажен пулт. Проработува свесната и потсвесната архива. Нагол и неочекуван попис, сведување сметки. Каде се видовме последен пат? Што си кажавме? Се враќаат реплики, погледи, говор на телото, атмосфера, тон и слика. Споменар. Мала енциклопедија на едно пријателство.
Во јануари 2017 Хамлет беше на гостување во ХНК во Загреб. Отидов да ја гледам претставата. Го сретнав Глоговац на појадокот во хотелот, со сопругата и ќерката од неколку месеци. Ми останаа неколку фотографии на мобилниот. Тоа се сега сурови слики, никако да не се мисли на нив.
Треба човек да се сврти кон убавите спомени. Како на пример оние од летото 2013, кога театарските работи ни се вкрстија на Јадранот. Го сликав на теренот за боќање на Бриони. Му ја испратив таа фотографија. Сиот е во жижа, има ласерска прецизност во очите, концентрација на самурај. Сега и тука! Вечноста зависи од секој поединечен миг. Глумец пред публика, на отворена сцена.
30 август 2016. Доцна попладне. Одам во ЈДП на проба на Хамлет. Премиерата е за две недели. Од хотелот „Парк“ се симнувам кон театарот. Мека и мирна белградска вечер. Се спушта првиот студ после топлиот ден. Ја минувам улицата. Кон мене доаѓа мотор. Се качува на тротоарот пред театарот. Моторџијата ја симнува кацигата. Небојша. Уредно ја паркира машината.
Вели: „Одиме да пробаме“. Велам, „Одиме“. Вели, „Ја бива ли работата?“ Велам: „Што дали ја бива?“. Вели: „Ова што го работиме. Добро ли е?“. Велам: „Дали е добро? Секако дека е. Не е тоа спорно“. Пауза. „Но тоа не е доволно. Мора да биде исклучително. Добро е само ако е одлично“. Го гледам. Се смешка загадочно. Мислам, еве што ги чини големите уметници. Сомничави се кон себе, и се прогонуваат одново и одново за да ги надминат своите сопствени рекорди.
После пробата се испоставува дека тој ден нему му е роденден. Пристигнува пиење и закуска која тој веќе ја имал порачано. Пиеме во негова чест. Хамлетовата метафизика отстапува пред вицевите. Пукаме од смеење. Тој има ретка луцидност и чувство за хумор. На лицето му лебди шеретска насмевка. Никогаш не знаеш што ќе тресне следно. Но во очите има траги од сериозно и темелно искуство.
Улогата на Хамлет Глоговац ја играше како веќе зрел човек. Нo тоа одговараше на концептот, дека Хамлет е искусен и по малку уморен лик, кој неколку пати има минато низ истите искушенија и стапици, во непрекинат круг.
Хамлетовото „да се биде или не“ е за животот помеѓу вдишувањео и издишувањето. На почетокот на претставата тој станува од гробот каде ја преспал ноќта, на крајот повторно се враќа таму на спиење.
По премиерата разменивме неколку пораки на Вибер. Пишуваше дека неговиот Хамлет живее во „малата смрт помеѓу вдишувањето и издишувањето“.
Му одговорив: „Одиме понатаму, Хамлете! Оваа претстава треба да ја играш до длабока старост! Да созрева како скапоцено вино!“. Тоа, за жал, не било пишано.
Драг принцу Глоговац, помеѓу твоето вдишување и издишување оствари величествен уметнички подвиг, доволен за повеќе животи. Слава ти!
Во тага по тебе Талија го спушти своето знаме на пола копје.
Извор: Време (претплата); фото Ненад Петровиќ
Претходно: Горан Стефановски - Шест белешки за пристапот кон „Хамлет“