Една од неспорните цивилизациски вистини е дека каде што има славни личности, има и луѓе што сакаат да бидат близу нив, па макар тоа значело и колективно кмишење под прозорец колку да се види неговата сенка (види: Сè што треба да знаете за денешните родители и деца). Но еден од најраните „сталкери“ бил малку порадикален - преку ден живеел помеѓу ѕидовите на Бакингем палас, а навечер ѝ ги крадел гаќичките на кралицата Викторија.
Рано наутро на 14 декември 1838 ноќен чувар во палатата забележал момче крај прозорецот. Лицето му било исцрнето од саѓе и на него имало искривена насмевка. Започнала потера и дечкото бил фатен. Сета облека му била маслосана, но носел два пара пантолани - откако полицијата му ги симнала првите, од него паднале куп дамски гаќи.
Необичниот случај на Бој Џоунс, како што го завикале момчето, е опишан во книга на Јан Бонденсон, „Сталкерот на кралицата Викторија“ (2010). Всушност, името коешто тој им го кажал на неговите гонители било Едвард Котон. Преку ден тој се криел зад мебелот или во оџаците, а ноќе се шеткал низ ходниците и низ празните простории, кои фала богу ги имало многу. Но понекогаш бил и похрабар - во тек на состаноци помеѓу кралицата и нејзините министри се криел под масата и наслушнувал. Кога ќе огладнел си се послужувал во кујната, а знаел и да си ја испере единствената кошула. На овој начин живеел во палатата скоро цела година!
Бил толку навикнат на ваквиот начин на живот што и покрај апсењето продолжил да се враќа на истото место. Иако изгледа како палатата да му била просто „пансион“, кров над главата и извор на храна, тој сепак ова го правел и заради лична приврзаност кон кралицата. За разлика од претходните два крала, нејзините вујковци, кои биле корумпирани и стари, Викторија била млада и нерасипана. Не само што имала официјален сталкер дома, туку обожавателите ѝ фрлале писма во кочијата и ја посетувале со понуди за брак. Еден од поупорните бил извесен трговец со сребро по име Томас Флауер, кој бил најден како спие на столица близу спалната на кралицата. Бил ставен во затвор а од таму го извадиле двајца пријатели со кауција.
Обезбедувањето на палатата по овие инциденти станало предмет на потсмев и ја разоткрило целата неефикасна бирократија на местото. На пример, две различни одделенија биле одговорни за чистење на прозорците на палатата, едното за бришење од внатре, другото од надвор. Истото важело и за палењето оган - едни слуги биле за цепење и редење на дрвата, други за самото палење.
Во недостаток на аларми и камери, а при ниски ѕидови и големи гранки, пијаници, војници и бездомници често ја запоседнувале градината на палатата. Оттаму, кога Бој Џоунс бил даден на суд тој бил ослободен, а полицаецот кој бил одговорен за негово чување подоцна му честитал - фактот дека толку долго живеел неоткриен само покажувало колку бил интелигентен и надарен за шпионска работа.
Но откако две години подоцна, две недели откако кралицата се породила со првото дете, принцот Алберт, Џоунс повторно влегол во палатата и се скрил под троседот во просторија до кралицата, тој веќе бил осуден на три месеци затвор. По ослободувањето, повторно бил најден во палатата, и осуден на три месеци тешка физичка работа. Судот веќе не знаел што со него, па се обиделе да го убедат да се придружи на морнарицата. Откако тоа не им успеало, го испратиле на затворски брод до Бразил, на кој минал дури шест години. Станал алкохоличар и криминалец. Неколку пати се враќал во Британија, и постојано бил депортиран во различни правци, последен пат до Австралија.
Умрел во 1893 откако паднал од мост пијан. До тогаш, кралицата Викторија веќе имала подобро обезбедување.