OMG!

Превод на Библијата со емоџи

Светото писмо е најпреведуваната книга во светот, а на таа листа преводи сега има верзија чија цел е да ја привлече „милениумската" генерација.

Минатата година, како што пишувавме тука, Оксфордските речници за збор на годината прогласија збор кој воопшто не е тоа - пиктограм „лице со солзи-радосници", односно емоџи. Целиот концепт на пишување со вакви сликички од полето на смс пораките и социјалните мрежи почна полека да се прелева и на полето на книжевноста (за што пак пишувавме тука). Во тој контекст, преводот на Библијата му доаѓа како логично продолжение.

Група посветени христијани создале апликација која ја преведува верзијата на Светото писмо на кралот Џејмс во емотикони. Додуша така се претставени само 10-15% од текстот, а останатото е „обично".

„Она што е восхитувачко во врска со овие симболи, и што ги прави толку успешни, е што тие се јазички агностични - ти дозволуваат да пренесеш идеја секому, без оглед на кој јазик зборува", вели еден од креаторите, кој е познат само како „насмеаното емоџи со наочари". „Целта беше да се земе книга која за голем број читатели е премногу сложена, и таа да се направи попристапна", додава тој.

Онлајн алатката може да ја пробате тука, единствено што треба е да знаете барем еден извадок од Светото писмо на англиски. Нам ни текна само на it's hard for thee to kick against the pricks. Добро де, од Кеш ни е.

3 јуни 2016 - 17:34