На сајтот emojitracker.com во реално време се прикажуваат сите пиктограми кои во моментот се користат на Твитер, а сајтот (хумористично или не) содржи предупредување за оние кои страдаат од епилепсија и друг вид состојби што можат да се влошат при прединамични визуелни дразби. А сликите се менуваат брзо, затоа што масовно се споделуваат, што е голем скок од крајот на минатиот век кога јапонските тинејџери започнале да користат емоџи на нивните пејџери (е-слика, мо-пишување, џи-карактер). Во 2010 конзорциумот Уникод, софтверско тело кое ги влучува Гугл, Епл, Мајкрософт и Јаху, одобриле список меѓународно стандардизирани емоџи, а следната година Епл ги вклучил истите во iOS5. Сега ги има повеќе од 800, со тоа што од време на време се додаваат нови карактери.
Секако, нивниот вид и број не остана неискоментиран - на пример зошто има неколку сликички на бела жена во розов џемпер во различни пози, но само една единствена на црна жена, и тоа со турбан. Тоа и’ одзема од привлечноста на идејата која во основа сака да ги надмине ограничувањата на кој и да е стандарден јазик. Но сликичките сепак станаа инспирација за голем број тн. „емоџи артисти" кои експериментираат во различни жанрови. Нивен резултат е на пример неофицијално емоџи видео за Drunk in Love на Бијонсе (видео подолу), но и цел сајт посветен на „превод" на Мелвиловиот „Моби Дик", сите 10,000 и повеќе реченици од романот, проект кој беше спонзориран преку Кикстартер. Ова пак се славни први реченици во познати романи прераскажани во емоџи. Ако не ви текнува кои би можеле да бидат, решенијата се тука
И додека на славните семиолози од калибарот на Сосир или Барт сигурно им е мака што ова не го доживеале во нивно време, ние можеме да си ги искористиме сите предности кои ни ги овозможува комуникацијата со сликички, а кои иако делуваат наивно и „шалала" можат да пренесат значајни пораки. Куфер+девојка во розово џемперче како мафта+запалена бомба+шампањ на пример би можело да биде причина за загриженост.