Пораката која српските политичари им ја упатуваат на своите бирачи ретко се директни и јасни за поголемиот број просечни граѓани. Со изборните слогани оди уште потешко, веројатно затоа што во два-три збора е тешко да се спакуваат празни ветувања, шупливи програмски решенија и лажен месија на некоја партија. Месијанскиот политички и реторички пристап ја одбележа српската политичка сцена во втората половина на претходниот век, но следбениците на таквата политика ја продолжуваат таа традиција и покрај неуспешноста на тој метод. Мал пресврт со лафонтеновска реторика направи Зоран Ѓинѓиќ, чие гостување на телевизиските канали во еден момент не се разликуваше од настапите на неговите имитатори од Индексовиот радио-театар.
Српскиот премиер би можел да биде новиот трендсетер во политичката реторика - неговиот говор е брз, остар и, над сè, сликовит. Тој веројатно сфаќа дека сликата отсекогаш била порака која најбргу допира до оној кому му ја порачуваме, па во својот речник обилно ја користи метафората како една од најсликовитите стилски фигури. Така, кога ги објаснува заврзламите околу Уставната повелба, премиерот вели дека „не сака колата да ја извлекува од кал, а потоа да биде виновен затоа што некој седнал во неа и почнал да кочи". Кога говори за реформите, премиерот Србија најчесто ја споредува со точак: „Ако гледаме лево-десно додека возиме точак, ќе паднеме, а ако само ги вртиме педалите и гледаме пред себе, ќе стигнеме таму каде што сме тргнале", или со Формула 1. „Дилемата во оваа земја е дали одиме напред или назад, дали тапкаме во место и се правиме дека сме Формула 1, или се обидуваме ова наше возило, национално, кое е прилично раскантано, колку-толку да го буткаме на европските автопатишта?". Сликата е кристално чиста- „вози и куќти", или на германски: Arbeit und Resultat.
Во „Речникот на Зоран Ѓинѓиќ" под буквата Р во одделот Реформи, покрај точакот и автомобилот се наоѓаат и жаби, риби, крави, зајаци, но и моркови, колачи...На трибина во Шабац на 17. мај 2002, премиерот на граѓаните на овој град им даде еден чуден предлог. Трибината беше со наслов „Како до подобар живот", а премиерот рече: „Старата индијанска поговорка вели: 'Ако мораш да проголташ жаба, немој многу да ја гледаш, туку голтни ја, а ако мораш да проголташ неколку жаби, прво проголтај ја најголемата'. Ние се држиме до таа поговорка." Впрочем, како минале Индијанците слушајќи ги мудростите на своите поглавици, тоа сите го знаеме...
По петооктомврискиот преврат, новинарите на Б92 разговараа со премиерот за поделбата на функции внатре српската влада, и во таа прилика Ѓинѓиќ рече дека владата „не е плен кој се дели, па сега некој да добие дел од вратот или бутот, па да го носи дома и да го пече". Во истото интервју употреби уште една метафора за решение на проблемите на општеството: „Многу е попријатно да се јадат колачи отколку сиров морков, но поздраво е да се јаде морков затоа што тој е поим за животот. Ако само јадете колачи, ќе умрете од срцев удар", а таа метафора ја објасни со тоа што рече дека „салото кое сме го наталожиле на мозокот и на општеството овие десет години треба да биде симнато за повторно да проработат мускулите". Салото е тука, претпоставуваме, стилска фигура за нездрав, а не со леб богат живот.
Најавувајќи ја кампањата на Владата на Србија за враќање на оптимизмот и верата на граѓаните во реформи под наслов „Горди на Србија" премиерот повторно се послужи со метафора која овој пат влече корен од српското наследство: „Ние како Влада на Србија, и како претседателство на ДС, немаме дилема околу ниту еден приоритет, но мислам дека постои мал дефицит во објаснвуање на тие приоритети на граѓаните. Имам впечаток дека низ таа врева и политичка халабука во нашите медиуми, и низ тоа сеење магла, луѓето понекогаш и не ја гледаат реалност и потоа, во таа магла, во таа ноќ сите крави се црни, и тогаш не е важно дали некоја дава млеко или другата го истура". Палави крави кои истураат млеко, роварат во мрак и магла, сеат магла по медиумите, тоа се секако кравите на комшијата. Па нека цркнат! Во тој соседски табор и инаку има многу негативци, разноразни илузионисти со крајно прозаични и подли намери: „Србија е полна со лицемери кои одат наоколу со шешири и извлекуваат зајаци од нив, а всушност сакаат да ви го извлечат новчаникот од џепот", изјавил премиерот на седница на Демократската странка.
Сепак, српскиот премиер се надмина самиот себе во неодамна емитуваната емисија на една белградска телевизија кога се покрена прашањето на враќањето на имотот одземен 1945. Ѓинѓиќ во таа прилика изјавил: „Од риба од аквариум можете да направите рибја чорба, но не можете да ја вратите рибата од чорбата во аквариумот". Оваа морбидна метафора прилично изнервира една гледачка која сакаше да знае „од каде му се такви сликовите споредби од бајките". Премиерот подготвено одговори дека „разислува во слики и се обидува тие слики да ги преведе во зборови" и дека ситуацијата ја доживува како слика за која има решение, односно „го гледа решението во слики".
Стручно тоа се нарекува „визуелизација на проблемот". Во басните, како и во политиката, се случува жабата да ја изигра змијата а овцата волкот. Поука: не го истурај млекото, затоа што потоа нема да можеш да го вратиш во аквариумот.
Извор: Време, септември 2002
Автор: Билјана Васиќ