На 5 март 1931, Ајда Вуд имала 93 години. Од нив цели 24 немала излезено од својата соба во хотелот Хералд сквер во Њујорк. Но во четири попладне тој ден таа доброволно ја отворила вратата, ѕирнала низ ходникот и повикала помош. „На сестра ми не ѝ е добро, викнете доктор. Мислам дека ќе умре“.
Во текот на следните 24 часа низ собата број 552 продефилирале куп луѓе: директорот на хотелот, доктор, погребник и двајца адвокати од тогаш позната фирма. Телото на сестрата на Ајда лежело на тросед покриено со чаршаф. Целата просторија била исполнета со купишта пожолтени весници, испразнети кутии од крекери и неколку големи куфери. Еден од адвокатите започнал да ги испрашува вработените во хотелот, обидувајќи се да ја состави сложувалката на овој необичен живот.
Директорот изјавил дека работел во хотелот седум години, но дека никогаш не ја видел Ајда Вуд или нејзината почината сестра. Документите покажувале дека тие се вселиле во двособен апартман во 1907, заедно со ќерката на Ајда, Ема Вуд, која умрела во болница во 1928 на возраст од 71 година. Секогаш плаќале во готовина, никогаш не користеле чистачка, а само на два пати прифатиле чисти крпи и чаршафи кои им биле подадени низ полуотворена врата. На ист начин им била доставувана и храна: кондензирано млеко, крекери, кафе, сланина и јајца, кои ги подготвувале сами во импровизирана кујна во купатилото, понекогаш и риба која ја јаделе сирова. Ајда на доставувачот секогаш му давала бакшиш од десет центи, жалејќи му се дека нема за повеќе. Понекогаш барале и хавански цигари и вазелин, со кој Ајда си го масирала лицето неколку часа дневно. Телото ѝ било свиткано како прашалник, но на лицето ѝ се гледале знаци на некогашна голема убавина.
Нејзиниот сопруг се викал Бенџамин Вуд (на сликата горе), брат на Фернандо Вуд, некогашен градоначалник на Њујорк и конгресмен. И покрај нејзините поплаки дека е сиромашна, во хотелската соба имала складирано голем куп пари. Освен тоа, излегло дека сестрите имаат и акции вредни 175,000 долари и дека не зеле дивиденди со години. Меѓу другото акциите се однесувале на весникот Њујорк дејли њуз, кој Ајда по смртта на нејзиниот сопруг, прв сопственик на весникот, го продала за повеќе од 250,000 долари. Службеник во банката каде што штедела изјавил дека таа лично дошла на шалтерот во 1907, среде финансиската паника која владеела во тој момент, и побарала сметката да и се испразни. Потоа заминала со 1 милион долари во кеш во плетена торба. Изјавувајќи дека „е уморена од сè“, зела соба во Хелард сквер хотел и исчезнала од очите на јавноста.
Ајда прв пат дошла во Њујорк на 19 години, а нејзиниот талент главно се состоел во внимателно слушање на оговарања и проучување на жолтиот печат, за да сфати кој е кој во тамошното социјално милје. На 28 мај 1857 му испратила храбро писмо на Бенџамин Вуд, тогаш 37-годишен бизнисмен и политичар, женет, и тоа со втора сопруга. Тие се запознале, и наскоро почнале љубовна врска која завршила со брак откако сопругата на Вуд умрела, десет години подоцна. Имале и ќерка, спомнатата Ема, која се родила пред да се земат.
Тогаш започнува нејзиниот совршен живот - танцувала со Принцот од Велс кога тој го посетил градот. Се сретнала и со Абрахам Линколн. Новинарите ја нарекувале „убавицата од Њу Орлеанс“ а многумина се собирале да ја гледаат секое попладне околу 4 кога се возела долж Петата авенија држејќи чадор за сонце во раката.
За разлика од мажот ѝ, таа била штедлива и внимателна. Тој пак се коцкал и преземал други финансиски ризици, што било честа тема на караници. На крај таа попуштила - тој можел да се коцка, ама да ѝ дава половина од она што ќе го добие. Ако загуби, тогаш ќе мора сам да си ја покрие загубата. За да биде сигурна што се случува, таа знаела со часови да чека пред коцкарниците, и веднаш да си го наплати својот дел. Сето ова до Големата депресија која веројатно удрила и на нејзината лична депресија, кога влегла во хотелот (на сликата доле), за со децении да не излезе од него.
Секако, нејзините роднини и можни наследници знаеле каде е, и секако дека се обиделе да ѝ ги земат парите за кои знаеле дека се со неа. Во 1931 тие се обиделе да ја прогласат за луда, а прв чекор во проценката на тоа со што таа навистина располага било, во соработка со хотелот, да ја преселат еден спрат подолу и да ѝ ја пребараат собата. Во кутија за чевли пронашле 247,200 долари во кеш, главно во банкноти од 1000 и 5000 долари. Во скришен џеб од спавачица нашле уште 500,000 долари. Вo подрумот пак биле складирани 54 полни сандаци, со најфина тантела од Ирска, Венеција и Шпанија; тиари; писма од Чарлс Дикенс до Бенџамин Вуд и други скапоцености. Во кутија од крекери откриле дијамантски ѓердан вреден 40,000 долари. Сето ова било пренесено во националната банка Хариман. И бидејќи обидот за прогласување на Ајда за некомпетентна пропаднал, роднините единствено можеле да се надеваат дека таа набргу ќе умре.
И не дека на Ајда ѝ се живеело. Долго време пред да умре, на 12 март 1932, таа не се ни бањала ниту пресоблекувала. Живеела во своите фантазии, дека е ќерка на богат плантажер од Лујзијана, иако татко ѝ всушност бил сиромашен имигрант од Ирска кој се населил во Масачусетс. Нејзиното вистинско име не било Ајда, туку Елен Волш. И ќерката не ѝ била ќерка, туку уште една сестра, а таа и нејзиниот сопруг се договориле дека ќе играат така од само ним познати причини.
По нејзината смрт на 93 години дури 1103 луѓе се пријавиле како потенцијални наследници. Можеби токму од нив Ајда се криела поголемиот дел од својот живот, во таа хотелска соба. Каде тие сепак не ѝ дале мир.