„Биосферијанците“ како што се нарекле четворицата мажи и четирите жени, облечени во идентични портокалови комбинизони, на 26 септември 1991 влегле во објект лоциран во Оракл, Аризона, кој требало да претставува истражувачки центар за нашата планета и нејзините живи системи. Структурата претставувала вистинска биосфера - вештачки, затворен еколошки систем, или вивариум. До денес тој останува најголемиот проект од овој тип на светот.
Под името „Биосфера 2“, тој бил оригинално наменет за истражување на можноста вакви структури да поддржуваат човечки живот во вселената. Седумте области во него ги претставувале дождовните шуми, океанот и коралниот гребен, мочуриштата, саваната, пустината и пределите населени од човекот, придружено со простории за живеење, лаборатории и работилници. Земјоделскиот систем внатре биосферата произведувал 83% од целокупната, додуша нискокалорична исхрана на „екипажот“, што вклучувало банани, сладок компир, кикирики, ориз и пченица. Биле вклучени и некои домашни животни и риби.
Целиот проект всушност почнал многу порано, и се поврзува со заедница изумители и напредни мислители од 1970-тите, кои се нарекувале „синергисти“. Финасиерите на „Биосфера 2“, бизнисменот Ед Бас и екологистот Џон П. Ален, кои обезбедиле 150 милиони долари за негова изградба, се сретнале токму на тн. „Синергија ранч“, контра-културна заедница раководена од Ален, кој промовирал идеја за биосферите како засолништа од катастрофи, како на пример потенцијална нуклеарна војна.
Целата историја на проектот, како и на неуспешната прва мисија, е раскажана во нов документарец на Мат Волф, кој црпи податоци од архиви но и од разговори со членови на групата, кои повеќето се се уште живи.
Целиот подвиг ги покажува предизвиците на операција од ваков обем, и претставува инспиративна приказна за потенцијалот за реобмислување на светот. Сепак, проектот, иако издржал две години, на крајот се покажал како неуспешен, пред сè заради нарушените меѓучовечки односи. По истекот на првата година се формирале две спротивставени групи, па луѓе кои претходно биле блиски пријатели сега едвај и да зборувале меѓусебно. Тимската работа на експериментот продолжила, но мотивацијата бргу опаѓала, делумно и заради недостатокот на кислород и гладувањето. Се кренало и џева кога јавноста, која будно ги следела биосферијанците, дознала дека на повреден член на групата му било дозволено да излезе и повторно да се приклучи, носејќи со себе храна и други производи, и на тој начин „загадувајќи“ ја биосферата. Во еден момент фокусот, наместо да биде на научните аспекти на проектот, се свртел кон проблеми во неговото менаџирање.
За разлика од првата мисија, втората која почнала на 6 мај 1994 и траела десет месеци, успеала да биде самоодржлива во поглед на храна, иако караниците помеѓу раководителите не изостанале. Заради сето ова денешните ставови кон проектот варираат од „највозбудлив научен проект во САД од слетувањето на Месечината“, до „њуејџ мајмунлаци маскирани како наука“.
Сето ова, и многу повеќе, се содржи во документарецот кој ќе се прикаже утре, 8 мај, во рамки на дигитални платформи и на стриминг сервисот Хулу.