Вистинскиот „Господар на мувите“

Шесте момчиња кои живееле на пуст остров повеќе од една година

Романот на Голдинг, напишан во 1951, раскажува за момчиња кои затечени на пуст остров ја манифестират мрачната страна на човечката природа. Но дали е можна поинаква верзија на истата приказна? Една таква е подзаборавена, а датира од 1966. 

„Господарот на мувите“ на Вилијам Голдинг од 1951(сцена од филмската верзија горе) се одвива на пуст остров некаде во Пацификот. Врз него паѓа авион, а единствените преживеани се неколку британски момчиња, кои не можат да ѝ поверуваат на својата среќа. Бескрајни плажи, сончево време, без возрасни и без школо. Изолација од соништата.

Уште првиот ден тие воспоставуваат нешто како демократија. Едно од момчињата, Ралф, е избрано за водач. Атлетски граден, хармизматичен и не многу интелигентен, тој има едноставен план: забава, сигнали од чад за бродовите кои минуваат. и преживување. Наскоро ваквата „стратегија“ се покажува погубна - момчињата наместо за потрага по храна повеќе се интересираат за фарбање на своите лица и тепање со другите. Во моментот кога британската морнарица пристигнува до брегот, островот личи на воено поле. Три од децата се мртви. Ралф е жив, но трауматизиран заради сознанието за „крајот на невиноста“ и „мракот во човечкото срце“.

Приказната на Голдинг е фикција и парабола, приказ на темната страна на човечката природа. Темата била особено актуелна во негово време, по Втората светска војна, кога човештвото морало да се справи со нејзините злосторства. Дали Аушвиц бил аномалија, или во секој од нас лежи мал нацист?

Во текст за Гардијан Рутгер Брегман се обидува да пронајде вистинска, и спротивна приказна од онаа на „Господарот на мувите“. Што би направиле реални деца доколку би се нашле само на пуст остров? Дали навистина би се убиле меѓу себе? Копал низ интернет, се распрашувал, и конечно дошол до интересна сторија. Во австралискиот весник „Ејџ“ од 6 октомври 1966 нашол репортажа за шест момчиња кои биле пронајдени на карпест остров јужно од Тонга, во Пацификот. Момчињата биле спасени од австралиски капетан откако биле на ’Ата повеќе од една година. Според текстот, капетанот дури испреговарал со некоја телевизија да се сними симулација на нивната авантура.

Дали момчињата се уште живи? Има ли навистина таков филм? Единствената трага на Брегман било името на капетанот - Питер Ворнер. Истото го пронашол во понов текст отпечатен во локален австралиски весник, илустриран со фотографија на сега 83-годишниот Ворнер прегрнат со помлад, 67-годишен пријател по име Мано Тотау. Според текстот тие се запознале пред педесет години. На пуст остров.

Брегман и жена му седнале во кола и по три часа возење пристигнале среде никаде. Пред колиба до која водел земјен пат седел човекот кој ги спасил шесте деца пред пет децении.

Питер бил најмладиот син на Артур Ворнер, некогаш најбогатиот и најмоќен човек во Австралија. Во 1930-тите тој владеел си империја наречена Електроник индустрис, која доминирала со радио пазарот во земјата. Но наместо да оди по стапките на татка си, Питер на 17 години избегал на море во потрага по авантура, и ги поминал следните неколку години пловејќи од Хонг Конг до Стокхолм, од Шангај до Санкт Петербург. Кога конечно се вратил, по пет години, и гордо му го покажал капетанскиот сертификат, Варнер постариот не бил импресиониран. Побарал од синот да научи некоја покорисна професија. На пример - сметководство.

И не дека Питер не се трудел. Преку недела работел, но секогаш кога можел одел за Тасманија, каде имал своја рибарска флота. Токму ова го донело до Тонга зимата 1966. На враќање дома малку го сменил курсот и пред очи му се појавил остров кој некогаш бил населен, до моментот кога во 1863 таму се закотвил брод кој ги земал домородците како робови. Од тогаш ’Ата бил заборавен и проколнат.

Но гледајќи низ двогледот Питер на островот забележал нешто чудно. Чад од оган, и голо момче, со коса до раменици како се фрла во вода. А по него, врескајќи, уште неколку деца. Наскоро тие се приближиле до бродот. Првото се претставило - „Се викам Стефан. Тука сме шестмина, веќе 15 месеци“.

Подоцна момчињата раскажале, дека се ученици од интернат во Наку’алофа, главниот град на Тонга. Од досада еден ден украле рибарско бротче, но ги фатило бура. Завршиле на островот каде и покрај организираната потрага никој не можел да ги најде. Семејствата веќе организирале и погреб.

За среќа сеќавањето на Питер, како и на Мано кој тогаш имал 15 години е одлично, па приказната денес може да биде добро реконструирана. Имињата на шесте деца биле: Сион, Стивен, Коло, Дејвид, Лук и Мано, сите ученици во строго католичко интернатско училиште. Најстариот имал 16, најмладиот 13 години. Планот при бегството им бил да заминат на Фиџи, па дури и да стигнат до Нов Зеланд.

Чамецот го „позајмиле“ од извесен рибар кого не го сакале. Со себе зеле две вреќи банани, неколку кокоси и мало плинско решо. Немале ни мапа ни компас. Никој не ги забележал кога отпловиле. Времето било убаво, но ноќта почнала бура. Осум дена пловеле на отворено море, без храна, без вода. Се обиделе да фатат риба и да собираат дождовница во кокосовите лушпи која ја делеле на еднакви голтки, една наутро, друга навечер.

Осмиот ден се случило чудо. На хоризонтот се појавил мал остров, додуша далеку од тропски рај, повеќе масивна карпа која не делувала баш пријателски. Но до моментот на пристигнување на спасителите, момците тука успеале да организираат мала комуна, со градина која ги обезбедувала со храна, три издлабени стебла за дождовница, терен за бадминтон, нешто што личело на вежбална со различни видови справи и постојан оган. Сето тоа само со користење на стар нож и многу волја. За разлика од нивните врсници во „Господарот на мувите“, тие успеале да преживеат повеќе од една година со детален распоред на должности и тимска работа. Секако, имало и расправии, но денот почнувал со песна и молитва. Коло направил гитара од парче дрво, половина кокос и шест челични жици од нивното бротче - инструмент кој Питер го чува и ден денес, со кој ги расположувал другарите. Момците се обиделе да направат и сплав за да заминат од островот, но тој се распаднал.

Најголем проблем се случил кога Стивен еден ден се лизнал, паднал од карпа и си ја скршил ногата. Другарите му ја имобилизирале со стапови и листови и се грижеле за него додека не заздравел. Јаделе главно риба, кокоси, пилиња (ја пиеле дури и нивната крв), јајца од морски птици, а во поодалечен дел од островот пронашле и банани и кокошки кои оставени сами на себе се репродуцирале 100 години откако заминале последните жители на островот.

Биле спасени на 11 септември 1966, недела. Локалниот доктор бил вчудоневиден од нивната добра здравствена состојба и совршено зараснатата нога на Стивен. Но рибарот чие бротче било украдено уште бил нервозен - решил да се суди со децата, кои биле уапсени.

За среќа, Питер дошол до идеја дека нивната приказна е одличен холивудски материјал. Ги убедил продуцентите од австралиската телевизија Канал 7 да ги купат правата и да му платат на оштетениот за чамецот. Момците биле пуштени дома, а Питер бил прогласен за национален херој. Дури и кралот Тауфа’ахау Тупоу Четврти го поканил на аудиенција, на која овој не пропуштил да си побара услуга - дозвола да лови јастози во нивните води. Откако ја добил се вратил во Сиднеј, дал отказ од компанијата на татко му и купил нов брод. Ги повикал шесте деца и им го понудил она што го сакале - можност да го видат светот. Ги најмил како посада на неговиот рибарски брод.

Момчињата од ’Ата денес се заборавени. „Господарот на мувите“ пак се уште е масовно читана книга. Историчарите на медиумите дури велат дека таа може да се смета за инспирација на најпопуларниот телевизиски жанр - реалната телевизија. Но можеби е добар момент да се раскаже поинаква приказна. Вистинската „Господар на мувите“ е приказна за пријателство и лојалност. Мемоарите на капетанот, кои се уште не се објавени, почнуваат со реченицата: „Животот ме научи многу нешта, на пример секогаш да го бараш доброто и позитивното во луѓето“.

11 мај 2020 - 10:15