Виклиф Абер Хил бил сценарист на неми филмови, но и плоден автор на книги со совети за пишување. Една од нив се вика „Десет милиони филмски заплети", а втората „Десет милиони фотографски заплети". Бидејќи овие 20 милиони изгледа му биле малку, напишал и трета - „Духот на заплетот".
Според речиси 100 години старата класификација на Хил, постојат само 37 типови приказни, секоја од нив со свои подкатегории, кои сепак даваат неверојатен број можни комбинации. Така, една од нив е „Среќни ситуации", која потоа се дели на: „Спасување", „Повторно пронаоѓање на саканите" или „Божје чудо". Втора категорија му се вика „Катастрофални ситуации без криминална намера" и тука спаѓаат „Потера", „Побуна" и „Непријателство помеѓу блиски". Сепак, „Ривалство помеѓу блиски" му спаѓа под друга категорија, „Патетични ситуации".
Категорииве не само што се живописни и методолошки крајно „лабави", такви се и неговите описи на секоја од нив. Еве еден за „Неверство", кој е благо саркастичен:
„Ова е ситуација која со текот на времето е обработувана во повеќе 'сексуални драми' кои ги гледаме денес. Тешко е да се сфати зошто толку многу писатели посегнуваат токму по оваа драмска ситуација, освен ако тоа не е недостатокот на информации во врска со голем број други можности"
Хил секако не бил првиот кој се обидел да ја сведе суштината на приказните. Така, Фредерик Палмерс три години подоцна создал „енциклопедија" на 36 заплети. Помеѓу фолклористите пак познат е индексот на Арне и Томпсон, кој ги класифицира можните заплети (мотиви и типови) на бајки од различни култури. После занимавањето со вакви теми, сите (особено холивудски) филмови почнуваат да ви изгледаат некако познати.