„Мама“ е име на алфа женката во колонијата шимпанзи во зоолошката градина во Арнхем, Холандија и лик во претходната книга на приматологот Франс де Ваал, „Политика на шимпанзите“. Во 2016, на скоро 59 години, Мама била пред умирање. Во видео кое стана вирално, таа го препознава професорот кој ја основал колонијата и со кого се дружела цели четири децении, кој е дојден за се збогуваат. Таа нежно му ја гали косата и ритмично го тапка по главата и вратот, давајќи му сигнал да не се плаши. Животното кое до тогаш одбива храна и само летаргично лежи, сега зрачи од среќа и како да прави муабет со некогашниот другар, благодарејќи му што е тука.
Ова е „јадица“ за пошироката дискусија на де Ваал за животинската чувствителност во неговата нова книга (март 2019) под наслов „Последната прегратка на Мама“, низ која тој разбива каква и да е идеја за човечка исклучителност во областа на чувствата. И не станува збор само за мачки и кучиња, за кои и некако ни е „логично“ дека имаат чувства затоа што ни се најблиски како миленици, и затоа што врз нив си ги проектираме сопствените емоции. Чувства имаат и којотите и стаорците, и раковите и свињите. И она што најмногу го загрижува авторот е негирањето дека е така, одбивањето да се прифати сличноста помеѓу нас и другите животни.
„Најголемото недоразбирање во врска со емоциите е дека тие се спротивни на когницијата“, вели де Ваал. Емоциите ги раководат организмите на секој чекор, помагајќи им да проценат што треба да направат во секоја ситуација, а нивното однесување не е такво на бесчувствителни машини кои реагираат врз основа на програмирани инстинкти.
Страница по страница де Ваал зборува за депримирани риби, емпатични стаорци, суетни мајмуни и други емотивни суштества. Основната физиологија и мозочна хемија која поттикнува чувства кај луѓето се присутни и кај други припадници на животинското царство. Разликата може да е во деталите, примената и во интензитетот, но чувствата се тие - страв, болка, приврзаност, лутина. И ова има, или треба да има, огромно влијание врз дискусијата за етичкиот третман на животните.