Идејата за пишување заедничка приказна чија главна тема би бил животот во карантин е на португалската авторка Ана Маргарида де Карваљо, која покани свои колеги заеднички да напишат колективно дело во продолженија. На предизвикот одговориле повеќе од 40 автори, а нивната приказна почнува со група научници кои се обидуваат да најдат лек за вирус кој предизвикал глобална пандемија.
„За нас писателите е нормално, па дури и добро, да се биде изолиран и фокусиран на пишување. Но кога сме приморани на тоа, кога се наоѓаме среде катастрофа од толку голем обем, мислам дека ова може да биде идеално за пишување во вакви екстремно задушувачки услови“, изјавила де Карваљо. „Така, наместо да се посветам на сопствена книга и да правам карантински дневник, да опишувам патувања низ мојата соба како Гзавje де Местр (за него види тука), мислам дека би било поинтересно да ги скршиме ѕидовите околу нас преку книжевност и на тој начин да ја надминеме социјалната изолација“.
Динамиката на пишување е еден автор-едно поглавје дневно, кое треба да биде предадено до 12 часот на пладне. Нивните имиња нам ни се главно непознати, но станува збор за наградувани автори во својата средина, која издадоа и колективно соопштение по повод проектот.
„Не е доволно да правиме барикади од нашите троседи“, пишуваат тие. „И покрај моменталната апокалипса, сакаме да покажеме дека сме тука, во контакт со јавноста. Работиме без да имаме време за уредување, ревизија, размислување. Засега, само сакаме да понудиме бегство во инспирацијата“.
Името на проектот е Bode Inspiratorio - игра со португалскиот термин за жртвено јагне, а за него веќе има и меѓународен интерес, со преводи на италијански, француски, шпански, холандски и англиски. Последниов почна да се објавува во делови од 13 април, и до сега има 16 поглавја (тука). Последните се однесуваат на андроид под име Реборедо, чија единствена функција е ширење страв помеѓу населението кое е во карантин, додека вирусот мутира и предизвикува голема чувствителност на болните на сончева светлина.
Португалските автори се надеваат дека на овој начин ќе ја промовираат и својата национална литература, која иако е напишана на јазик којшто го зборуваат мислиони на сите континенти, сепак не е доволно позната вон својата јазична ниша.