Во 1790 Гзавје де Местр (Xavier de Maistre) имал 27 години и бил војник во армијата на кралството Сардинија (кое покривало делови од денешна северна Италија и јужна Франција). Бил прилично палав, па по еден илегален двобој бил ставен во куќен притвор во Турин. Таму останал 42 дена, но не седел со скрстени раце. Напишал дело кое подоцна ќе излезе под наслов „Патување низ мојата соба“ (Voyage autour de ma chambre).
Инспириран од делата на англискиот писател Лоренс Стерн и неговото дело „Сентиментално патување низ Франција и Италија“, де Местр одлучил својот патепис да го базира на истражување на сопчето во кое бил затворен. Како современ тинејџер кој си ја регистрира дневната рутина во серија Инстаграм постови, книгата ни овозможува преживување на неговиот притвор, но со голема доза фантазија и митологија. Таа е истовремено и пародија на класичните патеписи на 18 век, и денес може да се чита како ран пример на модата на „психогеографија“ - користење на пејзажот како инспирација за интроспекции и ментални патувања на реални и измислени места.
Откако притворот завршил, Гзавје изгледа подзаборавил на целата работа и му се вратил на стариот бонвивански живот. Но неговиот постар брат Јозеф, познат филозоф и контра-револуционер, бил импресиониран од делото. Му приредил изненадување на брата си, и го отпечатил. Кога во 1794 Газвје се преселил во Санкт Петерсбург, напишал и продолжение, „Ноќно патување низ мојата соба“. Но со оглед на тоа што таа била напишана не од реална потреба, туку „на сила“, не ја довршил следните 25 години.
„Кога патувам низ мојата соба, ретко следам права линија“, пишува тој. „Одам од масата кон сликата која виси во аголот; од таму се тетеравам кон вратата; но иако сум насочен во тој правец по патот наидувам на мојата фотеља. Не мислам два пати, и се сместувам удобно во неа“.
Од овој извадок може отприлика да сфатиме колкава му била собата. Aко можел тој да си замисли необични предели помеѓу креветот и вратата, зошто да не можеме и ние?
Подкаст епизода под наслов Walking Matilda на каналот The Essay (BBC Radio 3).