Кога го објавивме текстот за хумористичниот португалско-англиски разговорник не претпоставувавме дека толку бргу до нас ќе дојде уште еден пример на неодолив португалски хумор. Станува збор за Наталија Андраде (1910-1999), позната по нејзините „необични“ изведби на оперски арии, кои намерно или не се претворале во пародии со оглед на ужасното пеење.
Во оваа смисла многумина ја споредуваат со Флоренс Фостер Џенкинс, „најлошата пејачка на сите времиња“, за која пишувавме претходно. Но помеѓу нив две сепак има големи разлики. Џенкинс имала формално музичко образование, а по смртта на татко ѝ во 1909 наследила големо богатство кое ѝ овозможило да влезе во елитните музички кругови во Њујорк, па и да основа свој клуб по име Верди. Почнала да изведува рецитали на кои присуствувал кремот на тогашното општество, а целосно распродадениот концерт во Карнеги Хол во 1944 влегол во аналите на музичката историја. Парите од концертите секогаш оделе за хуманитарни цели.
За животот на Наталија, пак, речиси и да нема податоци, освен тоа дека го снимила својот прв албум на возраст од 54 години, а организирала и вечеринки на кои пеела во придружба на пијано. Но најголема популарност стекнала по настапот на португалската телевизија, на неделна попладневна порограма која во осумдесетите ја гледала целата земја. Во документарец од 2011 под наслов „Трагикомичната дива“ преку изјави на нејзини колеги и луѓе кои ја познавале се истакнува илузијата во која живеела, а која е очигледна и во нејзините дневнички записи: „Знам дека моето име ќе биде испишано на страниците на оперската историја. Живеев во вечен сет, исполнет со реалноста на прекрасни соништа“. Жената можеби фалширала, ама па уживала.
Еве ја на веќе одмината возраст во изведба на арија од „Трубадур“ на Верди.
И од „Мадам Батефрлај“ на Пучини