Запознајте ја Флоренс Фостер Џенкинс

Приказната за најлошата пејачка на сите времиња

Нов филм со Мерил Стрип и Хју Грант зборува за една посебна фигура во (не)музичката историја - богаташка, која иако воопшто немала слух, одлучила да стане оперски сопран. Филмот е комедија, но вистинскиот живот на Флоренс Фостер Џенкинс е малку посложена приказна.

Наскина Флоренс Фостер, како што ѝ било вистинското име, родена во 1868 во Пенсилванија, настапувала како чудо од дете свирејќи на пијано, а одржала дури и рецитал во Белата куќа за време на претседателот Ратерфорд Б. Хејс. Како повозрасна живеела од држење часови по овој инструмент, но по инцидент во кој ја повредила раката веќе не можела да се занимава со оваа професија. Во 1900 се преселила во Њујорк и тогаш одлучила да учи оперско пеење. Тоа ѝ станало опсесија особено по смртта на татко ѝ во 1909, кога наследила големо богатство кое ѝ овозможило да се предаде на нејзиното хоби, да влезе во елитните музички кругови во Њујорк, па дури и да основа свој клуб, по име Верди. Почнала да изведува рецитали во 1912, кога имала нешто повеќе од 40 години.

И целава оваа приказна не би била толку интересна да не е еден мал, но битен детал - жената врска немала од пеење. Не зборуваме за нијанси, лошо фатени терци, нестабилни трилери, зборуваме за апла недостаток на ритам и за немузикалност, која е очигледни дури и за оние со несовршен слух. Илустрација: ова аудио, насловено „Како Флоренс Џенкинс го масакрира Моцарт".

Но ова не само што не ја маргинализирало во очите на јавноста, туку и обезбедило верна публика, па дури и целосно распродаден концерт во Карнеги Хол во 1944, кој влегол во аналите на музичката историја. Луѓето сакале да ја слушаат токму заради несовршеноста, но и истовремената храброст, таков каков што си да се истопориш пред инаку пребирливата толпа и да пееш бисери од класичниот репертоар. Секако, помогнало и тоа што парите собрани од нејзините концерти секогаш оделе за хуманитарни цели. Плус, целата работа била очигледно забавна. Таа самата сепак мислела дека е супер пејачка, а таа илузија ја подгревал нејзиниот втор сопруг, актерот Сент Клер Бајфилд.

Нејзиниот лик и претходно бил инспирација за писатели, режисери и музичари. Претстави посветени на нејзиниот живот имаат играно на Бродвеј, а една од нив под наслов „Славна!" на Питер Куилтер, чија премиера се случила во 2005 во Лондон, од тогаш е преведена на 27 јазици и играна во повеќе од 40 земји низ светот.

Неодамна е снимен француски филм под наслов „Маргерит", а најновиот е во режија на Стивен Фрирс и веќе се спомнува како можен кандидат за Оскар. Оваа година ќе се појави и првата биографија на Фостер Џенкинс, од перото на Дерил В. Булок, кој води популарен блог за „лоша музика" (кој едноставно мора да го видите). 

Дејвид Боуви ја има опишано нејзината плоча од 1962 како една од неговите најомилени на сите времиња, додавајќи дека „му го променила животот". Она што плени е нејзината страст, која и покрај подпросечниот резултат не можела да остане незабележана.

Трејлерот за филмот на Фрирс:

8 мај 2016 - 22:50