Во средината на 19 век еден релативно непознат автор под име Педро Каролино одеднаш стекнал интерконтинентална популарност поради португалско-англиски разговорник под наслов „Англиски како што таа го зборуваше“ (O novo guia da conversação em portuguez e inglez). Иако тој требало да им помогне на Португалците да се разберат во странство, разговорникот бил напишан од човек кој речиси и да не зборувал англиски. Ама токму во тоа е и шармантноста на неговите совети.
Помеѓу англиските говорители прирачникот бргу станал омилено четиво, а меѓу неговите фанови бил и Марк Твен, кој дури напишал вовед за првото издание на англиски, објавено во 1883. Твен ја поддржал книгата со зборовите: „Никој не може да ѝ додаде на апсурдноста на оваа книга, не може успешно да ја имитира, не може да се надева да ја ископира - таа е совршена“.
Хуморот кој е ненамерен произлегува од буквалниот превод на изразите - Каролино користел француско-англиски речник и претходен француско-португалски разговорник. Од оваа мешавина на јазици на крај испаднала лингвистичка каша-попара.
На пример, второто поглавје е насловено „Познати изрази“, и вклучува реченици кои би требало да му помогнат на сиротиот португалски патник во секојдневниот говор. Реченицата која на португалски гласи „езерово изгледа полно со риба, ајде да се забавуваме рибарејќи“ на англиски е преведена со „езерово изгледа мене многумина риби, ајде забава наместо кон ловење риба“. „Ѕидовите имаат уши“ станало „Ѕидовите имаат оговарање“, а „лошо ми е“ - „имам ум за повраќање“.
Во предговорот авторот истакнува дека целната група на книгата се „студиозни лица“, особено младината. Веројатно очекувано, неговата книга не станала популарна помеѓу Португалците, иако наишла на публика 133 години подоцна во Бразил, каде била издадена како комичен наслов. Објавена и во Британија, а гласините велат дека била инспирација за популарниот скеч на Монти Пајтон - „Валкан унгарски разговорник“.
Во книгата има и необично поглавје под наслов „Идиотизми (веројатно идиоми) и поговорки“ полно со двојно пренесени изрази, чија оригинална содржина е тешко да се одгонетне, како „да се задебели ногата“, „пријателство со дете е вода во кошница“ и „ништо малку пари, ништо Швајцарија“. Ама едно препознавме - „Каменот што се тркала не фаќа пена“. The stone as roll not heap up not foam.