Опишан како „црна комедија за пропадната лизгачка“, „Јас, Тоња“ оваа година е номиниран за три Оскари, за главна (Марго Роби), споредна женска улога (Алисон Џени) и монтажа. Од нив најголеми шанси за Оскар има Џени, која веќе доби Златен глобус за брилијантно одиграна улога на мајката на Тоња.
Но Оскар подеднакво заслужува и неноминираниот сценарист Стивен Роџерс, кој го базирал својот текст на интервјуа со реалната Тоња и нејзиниот бивш маж Џеф Гилоли. Тие му прикажале две сосема различни верзии на настаните кои довеле до познатиот скандал во спортските кругови, кога во јануари 1994 физички е нападната и повредена главната конкурентна на Тоња, Ненси Кериган. Напаѓачот, за кого подоцна е откриено дека е поврзан со Тоња и нејзинот сопруг, со палка ја удрил Ненси по ногата, со намера да и ја скрши и со тоа да и оневозможи понатамошни натпреварувања.
За оние кои веќе го гледале филмот и се прашуваат што е вистина а што сосема измислено во него, а и за оние кои допрва мислат да го гледат, еве неколку битни моменти (нормално, содржат спојлери).
Дали навистина Тоња имала само четири години кога почнала да лизга?
Да. Исто така е вистинит суровиот однос на мајката кон сопствената ќерка, и во текот на детството и подоцна.
Дали ЛаВона (мајката) во еден момент ѝ збрцала нож во рака на ќерка си?
Во автобиографијата од 2008, The Tonya Tapes, лизгачката тврди дека ова навистина се случило. Иако мајката во ТВ интервју го негирала ова, запрашана дали физички ги казнувала нејзините пет деца од неколку брака, одговорила: „Апсолутно, треба да им ја покажете разликата помеѓу добро и зло“.
Во текот на снимањето никој не можел да ја лоцира ЛаВона, до почетокот на 2018 кога Тоња открива дека мајка и е жива и живее под сосема друго име.
Каков бил односот со насилниот сопруг?
И покрај куп судски забрани за пристап и викање полиција, и по разводот од 1993 Тоња постојано му се враќала на мажот. А пак тој постојано ја „наградувал“ за истото со тепање и смртни закани.
Дали е навистина толку тешко да направиш троен аксл?
Хардинг е првата Американка која ја извела оваа тешка фигура во историјата, а втора во светот. Од тогаш само седум други лизгачки успеале во ова, што било проблем за кореографите и тимот за визуелни ефекти во филмот. А еве зошто е волку тежок:
Дали нападот на Ненси Кериган е автентично опишан?
Да. А тоа е направено така затоа што постои снимка од него, направена од новинар кој бил на лице место на тренингот на Ненси кога се случил инцидентот.
Дали Тоња претходно знаела за нападот?
Ова не е баш јасно, најверојатно не во детали, но знаела дека мажот ѝ и организаторот на нападот планираат „нешто“.
Дали навистина станала боксерка откако ѝ е забрането да лизга?
Да. Се почнало со ревијален боксерски меч помеѓу познати личности, но откако видела дека ја бива се нафатила професионално да се бави со бокс. Вкупно излегла во рингот шест пати, од кои три пати победила и доживеала три порази.
Дали Марго Роби лизга во филмот?
Воглавно да. Пред почетокот на снимањето имала тешки тренинзи, но сепак морала да има и дублерки, професионалните лизгачки Ана Малкова и Хајди Мунгер. За тројните аксли се направени визуелни ефекти, но „илето“ не е скриено, туку на гледачот му се овозможува да го следи скокот во забавена снимка и точно да име предвид што подразбира. Така, подвигот на Тоња изгледа уште поимпресивен.