Првиот добитник на Пулицер за аудио новинарство е подкастот This American Life (Овој американски живот). Поконкретно, признанието се однесува на емисијата The Out Crowd, креирана во соработка со Моли О’Тул од Лос Анѓелес Тајмс и Емили Грин од Вајс Њуз, која е опишана како пример на „интимно новинарство кое го расветлува личното влијание на политиката ’Останете во Мексико’ на администрацијата на Трамп“. И тоа е издание број 688 (!) на овој подкаст, кој постои цели 25 години, емитуванo на 14 ноември 2019.
Епизоди од „Овој американски живот“ преслушувавме на времето, затоа што дел од расказите во „Јас зборам добро еден ден“ на Дејвид Седарис (Букбокс осврт тука), всушност најпрвин беа дел од подкастот, а потоа објавени во книга. Но подоцна тој некако ни излезе од кадар, за сега активно да му се навратиме.
По само неколку преслушани епизоди, што по случаен избор, што по препорака на уредникот на подкастот Ајра Глас (патем прв братучед на композиторот Филип Глас), што на поупатени пријатели, станува јасно зошто подкастот и претходно беше наградуван, а еве сега и со Пулицер. Комбинација на интервјуа, лични сведоштва (често и од самите членови на тимот), фикција и одлична музика, тој нуди искуство на аудио тонење во други светови, сочувство со судбините на раскажувачите, гласно смеење, воодушевување од шареноста на светот и неговите приказни, чудење, па дури и плачење.
Еве го нашиот моментален избор:
„Тестостерон“ ја анализира важноста на овој (стереотипно) машки хормон врз психолошката структура но и врз нашите секојдневни расположенија. За оваа епизода целиот тим на подкастот доброволно се тестирал за да ги побие (или потврди) очекувањата за нивото на тестостерон и кај колегите и кај колешките. Има изненадувања;
„Уште ова пред да заминам“ е за нештата за кои жалиме откако ќе ни умрат блиски, или за неразрешените интимни конфликти со нив додека се живи;
„Фијаско“ е убедливо најсмешната епизода, која се обидува низ конкретни примери да го дефинира феноменот на „екстремен неуспех“. Спојлер: една од приказните е за полицаец кој бркајќи верверичка од дом на преубава жена успева да ѝ ја запали куќата;
„Суровоста на децата“ содржи расказ прочитан пред публика од Седарис, како и приказна за деца кои пронаоѓаат човек паднат во бунар, која е толку морничава што до крај не сте сигурни дали е вистинита или измислена;
И најновата епизода, „Заглавени“, за луѓе кои во некој момент се почувствувале клаустрофобично, затворени во хотелска соба или во несреќна врска.
Секоја епизода е поделена на неколку „чинови“, а на сајтот можат да се прочитаат кратките содржини на секој од нив и евентуално некој да се прескокне. Иако, зошто воопшто нешто би прескокнувале?
Аирлија слушање!
Претходни Букбокс теми поврзани со подкасти:
„Приказната за научникот што си го мерел сопствениот измет“
„Психијатарот кој 40 години го контролирал животот на свој пациент“
„Човекот кој патуваше низ светот шетајќи низ својата соба“
„Приказната за исчезнатиот внук на Оскар Вајлд“
„Културна историја на бидето“
„Малком Гладвел за парадоксот на сатирата“