Подкастот е една фина аудио форма која се наоѓа кога ќе ти здосади од сета музика во телефон, но кој може и да те забави во чекорот и да те деконцентрира среде улица доколку е интересен. А овој се погоди токму таков - една од најнеобичните вистинити приказни за доктор и негов пациент.
Емисијата „Психијатарот во комшии“ била три недели број 1 на топ листите на подкасти на Епл, а има и зошто. Станува збор за истражувачка сторија за психијатар од Менхетен, доктор Ајзак - Ајк - Хершкопф, познат по третирање на цела лепеза славни пациенти. Напишан и воден од колумнист на Блумберг, Џо Ноцера, подкастот ја раскажува приказната за Мартин Марковиц, долгогодишен пациент на Хершкопф, кој го поминал речиси целиот свој возрасен живот - повеќе од 30 години - под неверојатна контрола на докторот. Во шесте епизоди Ноцера опишува како психијатарот го изолирал Марковиц од неговите пријатели и од семејството, а истовремено го убедувал дека сите девојки со кои имал врска всушност сакале да му ги земат парите, па дека оттаму е најпаметно да не се жени.
Истовремено, Хершкопф бил поставен за претседател на компанијата на Марковиц која тргувала со луксузен текстил за театарски и концертни сали; тој основал наводно хуманитарна организација со парите на пациентот, а откако пациентот ги отстранил сестра си и нејзините деца од тестаментот, го убедил да ја стави фондацијата и сопствената сопруга во него.
Во меѓувреме во текот на повеќе од три децении, Хершкопф од Марковиц собрал повеќе од 3 милиони долари во форма на надомест за „терапиите“. Плус го убедил дека е добра идеја да бидат соседи, и да живее на неговиот имот, којшто го претставувал како свој цели 26 години. И не е ни чудно што изгледало дека имотот е негов, бидејќи додека тој се ширел во главниот објект, Марковиц се повлекол во позабаталениот заден дел, во помала куќичка.
Подкастот сепак не го претставува само Хершкопф како манипулатор и како некој што ги прекршил сите професионални етички кодекси (што е факт), туку се интересира и за тоа како Марковиц толку долго време не се сетил да му пружи никаков отпор. Колку што докторот притискал, толку и пациентот бил „пластелин“ кој лесно се моделирал.
Приказната почнала во 1981, кога Марковиц имал 39 години и неодамна ги имал загубено обата родитела, кои му оставиле голем семеен бизнис со кого не знаел баш што да прави. Во речиси истиот период ѝ раскинал на вереницата затоа што таа одбила да потпише предбрачен договор. Некој му препорачал да побара помош, и тој го сторил тоа. Само што оваа „помош“, олицетворена во ликот на злобниот доктор, само му додала сол на раните и го направила уште понесамоуверен. И така скоро 40 години, додека „помагачот“ му ги преземал бизнисите, парите и му го контролирал приватниот живот.
Промената почнала да се случува во 2010, кога Марковиц имал операција на кила, а докторот не се помачил ни да го посети. Тогаш, после 27 години, прв пат ѝ се јавил на сестра си и нивната врска се обновила. Почнал и правно да ги решава проблемите, да се враќа на нозе и да ја презема работата на компанијата. Кога излегол јавно со своите тврдења уште најмалку двајца пациенти го сториле истото.
Во ова особено помогнал подкастот - откако почнал да се емитува ова лето, Хершкопф се соочил со професионални последици. Неговото име веќе не фигурира на сајтовите за психијатриска помош, го нема и во бордовите на неколку организации, меѓу кои и Здружението за проучување на професионалната етика (!?).
Голем број колеги и пациенти на докторот излегоа изненадени. Не ни знаеле дека Марковиц бил негов пациент, кого физички го среќавале на различните забави организирани од страна на докторот, на имотот кој му припаѓал нему, со базени, кошаркарски и тениски терени и модерни скулптури, но кој според однесувањето и облеката изгледал како келнер или физички работник. Помеѓу славните личности кои биле пациенти на Хершкопф и кои го посетувале и во вилата била и Гвинет Палтроу.
Авторот пак на подкастот се надева дека ова ќе биде добар потсетник за сите пациенти и сите доктори - дека врската помеѓу нив не е и не треба да биде пријателска, и дека ако нешто се случува зад четирите ѕидови на канцеларијата на терапевтот треба да алармира дека нешто не е во ред со тој однос.