Гилијам го ангажираше Рошфор во 1998, заедно со Џони Деп, кој во филмот игра маркетинг агент, кој по грешка испратен назад во времето завршува како штитоносец на славниот витез од Ла Манча, односно како Санчо Панса.
И онака преамбициозниот проект како да беше урочен од почеток - уште првиот ден од снимањето во Шпанија во 2000-тата, тогаш веќе 70-годишниот Рошфор добил инфекција на простатата. На вториот ден неочекувана поплава го уништила сетот, кој и онака бил лошо позициониран, блиску до воена база на Нато од каде често имало прелетувања во текот на снимањето. А шест дена подоцна сè морало да запре бидејќи Рошфор бил пренесен на итна операција заради двојна кила.
Во текот на следната деценија и кусур Гилијам седум пати безуспешно пробуваше повторно да го активира проектот, а неговите епски напори станаа тема на документарецот „Загубен во Ла Манча“. Речиси и да не минуваше година без некоја „новост“ во врска со снимањето, а се извртеа голем број имиња на потенцијални актери кои би ги замениле Рошфор и Деп - од Иан Мекгрегор, Џон Харт, Роберт Дивал....Минатата година Амазон конечно се согласи да го финансира завршувањето на филмот, па така „Човекот кој го уби Дон Кихот“ се очекува премиерно да биде прикажан во 2018, со Џонатан Прајс како Кихот и Адам Драјвер како Панса. Додуша сеирџиите велат дека има уште многу време за работите повторно да тргнат наопаку: на пример ураган да удри по просторијата каде се монтира, Трамп да почне нуклеарна војна на денот на премиерата итн.
Рошфор во текот на снимањето често се жалел во врска со работата со Гилијам. Во 2014 за француска телевизија изјавил дека американскиот режисер му го имал прегладнето коњот пред снимањето за животното да изгледа бедно. Како искусен јавач, тој бил шокиран кога видел дека луѓето околу него имаат закачено јаболки на грбот за коњот да ги следи. Сиротото животно умрело ден откако го напуштил сетот.
Сепак, „Дон Кихот“ е само епизода во инаку долгата и богатата актерска кариера на Рошфор која траеше половина век. Тој има добиено три Цезари (француски еквиваленти на Оскар), како и истата награда за животно дело.