Роден како дете на источноевропски Евреи - имигранти во Сан Франциско во 1928, Леон Флајшер бил чудо од дете, кое на возраст од четири години можелo без учење да ги повтори пијано фразите кои ги вежбал неговиот брат. Својот прв концерт го свирел на осум години, а следната почнал да оди на часови кај славниот пијанист Артур Шнабел. Дебитирал со Њујоршката филхармонија, во Карнеги хол, кога имал 16 години.
Отприлика во тоа време потпишал договор со издавачот Коламбија и се прославил со изведбите на пијано концертите на Брамс, Лист и Бетовен, и соработките со познати диригенти, како Леонард Бернштајн.
На врвот од својата кариера, интензитетот на настапи и вежбање на Флајшер бил голем. Плус предавал на конзерваториумот Пибоди. Откако во една прилика невнимателно пренесувал некаква столица во двор, го пресекол палецот и иако тој бргу заздравел, подоцна почнале да му се појавуваат необични сензации долж целата рака. Дијагностициран е со фокална дистонија, што предизвикувало отапување на чувството на десната рака и виткање на два прста. На 36 години веќе не можел да свири со обете раце, и тоа, како што опишува во својата автобиографија „Моите девет животи: музички мемоар“ од 2011, го фрлило во очај.
Краткиот филм „Две раце“ од 2006 кој беше номиниран за Оскар за документарец ги опишува маките на Флајшер низ кои минувал барајќи чаре - од физиотерапија до хипноза. По две години сфаќа дека чаре нема, и се префрла на репертоар пишуван само за лева рака. Меѓу делата е и она за кое веќе пишувавме тука, компонирано во 1923 за Пол Витгенштајн, братот на славниот филозоф, „Клавирмузик“ од Пол Хиндемит, кој самиот Пол никогаш не го извел затоа што не му се допаѓало. Специјално за Флајшер била напишана и нова музика. Истовремено, почнува успешна диригентска кариера.
Во 1990-тите развива карпален синдром на зглобот од прецврсто држење на диригентската палка во болната, десна рака. Го оперираат и одеднаш работите стануваат подобри. Со комбинација на ботокс инекции и длабока масажа, тој успева да ги оправи најпрвин прстите а потоа и целата шака. По децении обиди, конечно успева да ги активира обете раце и успешно да настапува.
Спомнатиот документарец (целиот, 17 мин, подолу) го прикажува како крајно упорен човек, свесен за својата мисија на Земјата. Но истовремено и шерет, кој за она низ што поминал вели „не сакам да се потсетувам на тоа срање“.
Види претходно и: Една ама вредна - музика за пијано и лева рака