Крај на првата светска војна. Инфлација, глад и болести владеат во неименуван град, во којшто се зборува германски. Луѓето почнуваат да се вртат едни против други. Премиерот го користи ова и бара прогон на сите Евреи.
Она што можеби денес звучи како извадок од учебник по историја во врска со Третиот Рајх, всушност е сценарио за филм направен во време кога нацистичката партија се уште била забранета, а Адолф Хитлер ја довршувал „Мојата борба“ во затвор во Минхен.
Базиран на дистопискиот роман на еврејскиот публицист Хуго Бетауер, „Градот без Евреи“ бил прикажан во Виена во јули 1924, но оригиналната верзија во поствоените години исчезнала, и се сметало да е неповратно загубена.
Сега, благодарение на случајно откритие на париски бувљак, како и на најголемата кампања за собирање средства од областа во културата во Австрија до сега, немиот филм ќе биде дигитално реставриран и повторно објавен во оригиналната форма, со музичка придружба во живо која е планирана во некоја од виенските концертни сали есента 2017.
Австриската филмска архива, која ја организираше кампањата за собирање финансии, ги обезбеди планираните 75,500 евра четири дена пред истекот на рокот. Најголема донација дошла од анонимска еврејска фондација во САД по победата на Трамп, а донациите се зголемиле двојно по поразот на десничарскиот популистички кандидат во австриските претседателски избори.
Филмот ги прикажува не само економските околности кои довеле до антисемитизмот, туку и сатирично ги проследува последиците од егзодусот на еврејското население од Виена, градот кој во филмот се нарекува „Утопија“.
Најпрвин останатото население од градот го прославува заминувањето на нивните комшии со огномет. Но наскоро културниот живот во Утопија гасне: софистицираните кафеа се претвораат во пивски хали, продавниците продаваат народни носии наместо урбана облека а странските земји ги прекинуваат трговските врски. Наскоро низ градот се појавуваат првите протестни пораки: „Сосе Евреите го исфрливте и просперитетот“.
Една оштетена и некомплетна верзија била открена во 1991 од архивист во Холандскиот филмски музеј. Но оригиналната верзија која сега е реставрирана е пронајдена од колекционер на парискиот бувљак во октомври 2015.
Судбината пак на актерите од филмот е крајно парадоксална. Јоханес Риман, кој го игра главниот лик на Евреин, Лео Стракош, подоцна се придружил на нацистичката партија и во 1944 имал свое шоу во логорот Аушвиц, а Ханс Мозер, кој игра суров антисемит во филмот, морал да емигрира од Австрија затоа што не сакал да се разведе од неговата жена-Еврејка.