Чешкиот амбасадор во Франција, Петр Друлак, неодамна го посетил Кундера во неговиот стан во Париз, и му го предал сертификатот за државјанство. „Беше многу емотивен момент“, изјавил Друлак за чешкото радио, велејќи дека станува збор за симболичен гест, а дека дури и во егзил, 90-годишниот Кундера секогаш останал поврзан со својата земја.
Самиот писател нема дадено изјава или коментар за настанот, па не се знае во какво расположение го примил документот. Тој станал државјанин на Франција во 1981, а кога ја посетува Чешка тоа го прави инкогнито. Во 2008 му беше доделена Чешката национална книжевна награда, но тој не беше присутен на церемонијата на доделувањето.
Чехословачките власти ги забранија книгите на Кундера и му го одземаа државјанството по објавувањето, на „Книгата на смеа и заборав“ во 1979. Во неа Кундера го нарекува тогашниот претседател на Чехословачка, Густав Хусак, „претседателот на заборавот“. Од 1989 тој ги пишува своите романи на француски, и не прифаќа друг да му ги преведува на чешки. Како резултат на ова некои од подоцнежните романи не се достапни на неговиот мајчин јазик.