Петок 13-ти: тепачки за мртвите

Во текот на 19 век, растојанието помеѓу живите и мртвите почнало да се зголемува. Болниците и лекарите, погребалните претпријатија, здравствените власти, сите тие работеле на тоа мртвите да се оттргнат од интимноста на своите домови. Властите почнале да ја заменуваат заедницата и семејството како „старатели“ на покојните. Ова создавало „викенд на мртовци“ ситуации, на кои бевме сведоци и во текот на пандемијата.

Со развојот на модерната медицина и нејзините установи, приватната контрола врз мртвите е преземена од страна на експертите, а директната интеракција со посмртните останки на блиските станала многу ретка. Поранешната интимна врска помеѓу оние кои го надживуваат покојникот и неговото тело е нарушена, а смртта полека исчезнува од пред очи.

На преминот кон 20 век, американскиот начин на умирање, кој важи и денес, е горе-долу воспоставен, како бирократизиран и професионализиран. Умирањето дома, кое некогаш било вообичаено, сега е ретко, а тоа роднините и пријателите да учествуваат во подготовка на трупот за погреб е нешто што речиси не се практикува.

Но ова не се случило преку ноќ. Преодот вклучувал и од денешен аспект хумористични моменти. Телата не секогаш лесно се предавале на одговорните, па дури и по формалниот погреб биле откопувани за да се сочува некаква контрола врз постхумниот живот на мртвиот.

Сочувани се архивски документи кои покажуваат дека семејствата одржувале чувство на сопственост над остатоците на нивните драги, дури и повеќе години по првичното закопување. Во 1890-тите имало случаи во кои членови на семејства бареле права на откопување и повторен закоп, а ова често и го добивале од судовите кои покажувале разбирање и сочуство на оваа тема. Во ова особено воделе вдовиците, кои традиционално заедно со другите жени го држеле ресорот „грижа за покојниците“, и сега не сакале да го предадат на професионалци.

Повторни закопи на селски гробишта на Роуд Ајленд во 1881 сочинувале една четвртина од сите погреби на тие гробишта истата година. Гласноговорник на Здружението на американски погребални претпријатија една деценија по ова се пожалил дека селењето трупови од едно на друго место е „лудило“, за кое тој се надева дека набргу ќе заврши.

Со ваквиот развој на настаните телата на покојниците почнуваат да добиваат правен карактер - тие не се веќе луѓе, но не се ни имот. До 1870 сепак важел законскиот преседан според кој тие биле „квази-сопственост“, со што на семејствата им биле давани поголеми права околу одлучувањето за остатоците.

Проблемите се појавувале кога во рамки на едно семејство имало различни мислења. Чести биле караниците на самите гробишта, кога една страна од семејството сакала да го земе телото, другата сакала да го закопа. Биле оштетувани сандаци, кршени надгробни споменици, избувнувале тепачки. Всушност, мртвите со својата отсутност биле поштедени од тоа да ги сведочат сите компликации кои им ги предизвикале на живите, кои во борбата за своите мртви наоѓале и утеха, но и ја потврдувале или воспоставувале својата социјална моќ.

Кај нас таков случај имаше неодамна, кога десетици членови на едно семејство насилно влегле на Клиниката за инфективни болести во Струмица и грабнале починат пациент сосе креветот, бидејќи поради протоколите за Ковид-19 не им било дозволено сами да го организираат погребот.

извор

13 мај 2022 - 08:17