„Секој пат кога ќе пуштам радио слушам Oh my Lord“, изјавил Џон Ленон откако песната на неговиот колега Џорџ Харисон се искачила на врвовите на топ листите. „Почнувам да мислам дека навистина има Господ“.
Заедно со албумот на кој се наоѓа, All Things Must Pass, My Sweet Lord ја зацврсти репутацијата на „тивкиот“ член на Битлсите, чиј талент често пати беше во сенка на Ленон и Макартни.
Инспирација за песната добил во 1969 откако го слушнал госпел хитот „О хепи деј“ на Едвин Хокингс Сингерс. Прв своја верзија снимил Бил Престон, соработник на Битлси, но таа набргу била надмината од верзијата на Харисон, објавена во ноември 1970, а продуцирана од Фил Спектор, на која учествуваат Престон, Ринго Стар и Ерик Клептон.
Но набргу Харисон завршил на суд за наводен плагијат. Тужбата била поднесена од Брајт Тјунс, издавачот на He's So Fine, хит од 1963 на Д Шифонс, а напишана од нивниот прерано починат менаџер Рони Мак. И дури и за непрофесионално уво, песната неверојатно потсетува на онаа на Харисон:
Како реакција на ова, Џорџ ја зел гитарата и на суд демонстрирал како ја напишал песната, но во 1976 пресудата гласела дека тој сепак извршил „несвесно плагијаторство“. Сепак со тоа случајот не е затворен. Ален Клајн, чија вклученост во менаџирањето на Битлси влијаела врз нивниот распад, подоцна ја купува фирмата Брајт Тјунс, а со тоа и правата на спомнатата песна. Судската голгота завршува дури во 1998, кога на Харисон му е доделено авторското право на Мај свит Лорд во Британија и Северна Америка, а на Клајн на сите други места.
Но самодовербата на Харисон како песнописец била пореметена после овој случај. „Тешко е да почнеш пак да пишуваш откако ќе поминеш низ нешто вакво“, изјавил за Ролинг Стоун. „Кога ќе пуштам радио, секоја мелодија ми звучи како нешто друго“. Стиховите на синглот од 1976, „Оваа песна“, е коментар на ваквата ситуација, а во неа Ерик Ајдл со својот монти-пајтоновски фалсет пее: „Може да е Шугар пај хани банч...не, повеќе звучи ко Рескју ми“.
Сепак, голем број уметници ја имаат преработено Мај свит лорд, а најпозната е веројатно верзијата на Нина Симон, која трае 18 минути, а е снимена во живо со баптистички хор, пред публика војници во Форт Дикс, Њу Џерси. Симон ја комбинира песната со поемата Today Is a Killer од Дејвид Нелсон како протест против Виетнамската војна. Потоа истата е ставена на албумот на Симон од 1972, на кој таа прави своја верзија на уште една песна на Харисон, Isn't It a Pity.
За иронијата на случајот да биде поголема, во 1975 Д Шифонс издале верзија на Мај Свит Лорд, сакајќи веројатно да се изгребат од интересот за судскиот случај.
Без оглед на целата историја, песната ја промовираше слајд гитарата како „потпис“ на Харисон, до толку што Макартни го спречил да ја употреби на Free as a Bird во 1994, при повторната средба на преостанатите Битлси, велејќи: „Си помислив - о, не, ќе звучи пак како Мај свит лорд“. По смртта на Харисон од рак во 2001, песната повторно беше на врвот на британските топ листи.