пишува: Тијана Радеска
Кога бев дете, а и додека растев се идентификував со кралевите, елфовите и со принцезите од Толкиновиот фолклор, a сега, во моите доцни дваесетти и по 14-месечно скитање низ Јужна Америка сфатив и прифатив дека сум еден мал хобит. Во потрага по авантури што не ги разбира, со имагинација на мало дете што сѐ уште верува во приказни и со срце што никогаш не заборава на утринско кафе со мама, јуфки кај баба, или чајче низ чаршија.
За млада и „сериозна“ девојка не ми бе eше едноставно да прифатам дека не сум прецизна како Арагорн, ниту елегантна како Леголас, ниту мудра како Галандриел, туку палава, љубопитна и исплашена како Билбо. Но сега, откако се вратив, благодарна сум за секој чекор низ Андите, низ Патагонија и низ Амазонија што ми помогна да се запознаам себеси.
Пред да заминам, мојата цел беше да најдам интересна тема што ќе ја истражувам и со која ќе аплицирам за докторски студии по медицинска антропологија. Не можев да најдам стипендија како независен истражувач, но имав среќа да најдам редовна работа за еден американски магазин на интернет. Платата беше одлична, а условите што се создадоа - идеални за патување. Не бев временски ограничена, немав повратна карта, така што кога ќе ми се допаднеше некое место останував таму и волонтирав во хостел, на фарма или во некој дом.
Патувањето го почнав во Еквадор, па продолжив во Перу, Боливија, Парагвај, Чиле, Аргентина и повторно во Перу. Но, немам никаква намера да напишам репортажа или туристички водич, бидејќи и кога би го направила тоа, би требало да биде прирачник за „Како да не патувате како турист или како било што друго“. Накратко, одлуките на патувањето ги донесував на следниов начин: поминав три месеци во Боливија, па за да продолжам морав да си ја обновам визата, а најекономичен начин беше да излезам од земјата и повторно да се вратам. Па, така ја отворив мапата и размислував каде да одам. Перу ми беше премногу туристички во моментот, а бев презаситена од туризам. Во Бразил... па во Бразил се зборува португалски и заклучив дека тоа ќе влијае лошо на мојот шпански. Чиле и Аргентина ми изгледаа неизводливо скапи во моментот, така што ми остана една земја – Парагвај за која не знаев ништо и во која немав намера да одам кога го почнав патувањето. - Што има во Парагвај? - Не знам. Ај ќе одам да проверам... И така заминав во Парагвај каде што останав цел месец.
Сретнав многу патувачи и туристи на возраст од 16 до 88 години. Некои патуваа само две недели, некои пет години без воопшто да се вратат дома, а за некои, пак, патувањето беше начин на живот. Некои патуваа од една до друга туристичка атракција, други вртеа кругови низ истата земја или низ неколку земји во Јужна Америка, а некои, пак, беа на пат околу светот. Некои патуваа сами, со своите партнери, со своите пријатели, со своите родители или со своето куче. Пеш, на велосипед, на мотоцикл, со камп-приколка, со автомобил или автостоп. Со пари и без. Сите беа среќни и задоволни да бидат таму каде што се.
Запознав младич од Данска, кој пред неколку години имал несреќа додека се возел на една од атракциите во забавен парк во Копенхаген. И двете нозе му биле скршени, па доброто осигурување му плаќа отштета во последниве неколку години. Ја напуштил работата и решил со парите од осигурувањето да му го спонзорираат патувањето. И сега без никаква технологија, со едно мало ранче, талка низ Јужна Америка во потрага по среќа. Ми рече дека неговата мисија била да ги прави другите луѓе среќни, само сѐ уште немал поим како бидејќи сѐ уште не ја пронашол својата среќа.
По неколку месеци патување речиси секоја приказна звучи „нормално“.
Запознав и една жена, универзитетски професор од Англија која во своите рани 50-ти, патуваше од Богота, Колумбија до Ушуаја, Аргентина, сама, на велосипед направен од бамбус. Пристигнала во Колумбија со брод од Англија, а јас ја запознав речиси на крајот од нејзиното патување, кога се подготвуваше за едномесечно враќање дома, со товарен брод од Чиле до Лондон. Сега пишува книга за алтернативен транспорт како решение за преголемото загадување на воздухот и, воопшто, на околината.
Сретнав и една повозрасна женичка на 65 години, која ми даваше совети каде и како да ги искачувам планините во Патагонија. Ме советуваше да ги избегнувам туристичките места и да планинарам на не толку познати дестинации. На пример, таа изрази големо незадоволство за нејзиното претходно искуство кога го искачувала Монт Еверест, за туристичкиот карактер на самитите низ светот вклучувајќи ги Килиманџаро и Монт Блан. Но затоа, пак, многу ѝ се допаднале врвовите низ Пакистан за кои раскажуваше со детска возбуда и љубов.
Од сите што ги запознав, најлесно ми беше да се поврзам со многубројните „скитници“ на возраст од 30-ина години, кои беа во потрага по едно големо „нешто“. Секој имаше обична или необична приказна. Не знам што очекував, а не знам ни што барав. Знам дека пристигнав со извесна научна цел, ама сигурна сум дека продолжив таму каде што ме носеше патот. Едноставно, само чувствував дека е правилно да сум таму каде што сум дури и кога помислував дека сум на погрешно место во погрешно време.
Ја загубив работата, останав без пари. Истражувањето не се одвиваше како што треба, па без да го довршам се препуштив на приказните и каде што ме носеше патот. Без работа и без пари, во првата достапна кујна направив торта, мојата прва вистинска торта (ако не ја сметаме и онаа со бисквити и пудинг) и ја продавав на улица. Во период од две недели место една продавав по пет торти на ден. Не само што преживеав, туку и спечалив пари за да продолжам да патувам.
Ме касна мајмун и додека панично барав вакцина против беснило, не можев да најдам ни доктор што ќе се заинтересира за мојата ситуација. Ме ограбија, ми ја блокираа картичката, останав без пари со неплатена сметка во хостел. Се разболев од висинска болест на остров без струја, меѓу луѓе што зборуваа само кечуа (локален јазик) и ни збор шпански. Не можев да ги проверам симптомите, не ми беа познати, па неколку часа си плачев и мислев дека ќе се збогувам со светот поради некоја ретка болест. Преспав во шатор среде пустина каде што ветрот е постојано со интензитет од 60 до 80 километри на час.
И покрај сѐ, повторно би поминала низ истите неволји и културни шокови без да трепнам бидејќи никогаш порано не сум се почувствувала послободна.
Можев да бидам антрополог во далечна земја, осамен каубој, дон Кихот или Билбо...можев да бидам сѐ што ќе посакав. Кога тргнав на патувањето си понесов и шишенце парфем. А, пред да заминам од Јужна Америка, во вецето на аеродромот сфатив дека поминале 10-ина дена откако последен пат сум се погледнала во огледало. Ова не е никаква критика на модерното општество, ниту, пак, на урбаните центри, ниту на консумеризмот. Сега се вратив на утринските дотерувања и на дневните манири на однесување, но многу посреќна откако ги оживеав сите фиктивни и измислени ликови во себе.
Накратко, и јас бев дете на македонската фиктивна средна класа во постсоцијализмот. До пред 15-ина години со најголема восхит го поставував прашањето: „Навистина си бил/а во Париз / Лондон / Москва?“ Патување во Северна Америка и во Австралија ми беше филмско, а Кина, Тајланд или Чиле ми звучеа како научна фантастика. Но, сепак, желбите, навистина, се остваруваат кога ги посакуваш искрено и детски. Барем тие патувачките, кои се подостапни, особено за храбри хобити.
Кога мојата малечка братучетка во својата недоумица која професија да ја избере и што да студира ме прашува што би сменила да можам да се вратам на нејзини години, сфаќам дека не би променила многу. Но, сигурно, би го одложила студирањето барем за една година и би заминала во некоја далечна земја. За да би ја почувствувала подобро својата рамнотежа на земјата и за да би знаела каде сонцето најубаво ме грее. За да би ја започнала својата академска кариера со многу помалку предрасуди и помалку двоумења за тоа како да ги задоволам социјалните норми.
Би сакала да имав една завршна порака или препорака, но немам. Сакам да верувам дека секој го истражува светот така како што умее. Едноставно, патувајте. Не мора да патувате во далечни земји. Патувајте виртуелно, низ музика, низ работа, низ нови пријателства, низ стари навики. Едноставно, зачувајте ја љубопитноста за да не живеете репризи, туку да создавате и искусувате нови приказни.
Oд најновиот број на списанието „Лице в лице“