24 април 1872. Тоа е датумот на записот во криминалното досие на Каролин Асе, кое денес се чува во архивата на париската полиција, во дебел том под наслов „Книга на куртизаните“. Начинот на кој е забележана нејзината биографија од страна на анонимен полициски службеник е речиси книжевен, со детали за нејзиното потекло и изглед, а не со сув речник на каков сме навикнати кога се во прашање институциите на системот. Еве извадок од тоа досие:
Асе, Каролин
Дошла во Париз од Алзас во доцните 1850-ти. Висока и très belle, таа дебитирала како куртизана на возраст од 18 години. Нејзината подводаџика, мадам Ланг од улица Пигал број 63, ја претставила на бројни богати господа. Среќавала и тогаш влијателни жени и често ги посетувала бањските градови, со што на крај станала познато име. Често присуствувала на трки со млада жена по име Пепита Санчез, а парот бил сметан за „прва виолина“ на најстарата професија.
До 1865 живеела близу Шанзелизе, а нејзин заштитник бил месје Колбер, млад офицер со плата од 25.000 франци од кои таа му барала 10.000 месечно (денешни 48.000 евра). Кога неговиот татко слушнал за врската, го молел синот да се отараси од неа, и рекол дека е подготвен да стори се за да ја растури врската. Младиот Колбер бил очаен од помислата да ја напушти Каролин и се обидел да изврши самоубиство со тоа што си пукал во глава. За среќа не се убил, и следната година се согласил да ја напушти својата љубовница, за која полицијата го убедила дека го сака „само заради неговите пари“.
Ja нарекувале „Каро“ или „живата статуа“, и велеле дека мириса на труфи, јастог и шампањ. Била дебелка, но со импресивно деколте кое никогаш не останувало незабележано и „агресивен“ алзашки акцент. Родена во Стразбур, таа дошла во Париз без ништо, научила да танцува во танцова школа во која преку ден доаѓале „воспитани“ млади девојки, но ноќе тоа било место каде некои поинакви demimondaines, амбициозни и послободни девојки се среќавале со млади офицери кои доаѓале во цивил за да се сретнат со нив. Откако еднаш некоја девојка ќе научела да се однесува во овие кругови, таа се обидувала да го привлече вниманието на богат господин на јавните места за забава, како Монмартр или Бал Мабиј.
Каролин најпрвин се облекувала едноставно, и изгледала речиси бедно, но наскоро се истакнала по шармот и убавината. Еден нејзин обожавател, некој вид париски Данило Коцевски, запишал како изгледала кога прв пат ја сретнал. „Една вечер забележав прекрасно суштество со густа златеста коса; висока, убава, насмеана, атрактивна, полна свежина, младост и страст. Беше облечена во темен фустан, прилично груб, кој не ѝ прилегаше и кој беше во спротивност со неверојатната елеганција на нејзините пријателки“. Тој забележал дека ѝ недостасува и копче на ракавот што му сигнализирало дека таа „не плива во богатство“. Сепак, за него била прекрасна и посакувана, и предвидел дека ќе има голем успех.
Токму тоа и се случило. Околу неа се собирало одбрано друштво а не биле малкумина и оние кои ја заштитувале и финансирале. Еден од нив бил Даниел Вилсон, иден политичар и наследник на британска компанија за осветлување на гас. Медиумите ја исмејувале дека го нарекува „бетит Таниал“, нејзиниот мал Даниел, поради својот „лош“ акцент. Вакви критики ширеле веројатно злобните женски усти, но и мажите понекогаш ја критикувале за „прилично терсене манири“ и „црти во кои нема деликатност“.
Некаде во 1886, кога имала четириесет и нешто, спакувала еден куфер со најлуксузните предмети и се пензионирала во јужна Франција. Таму доживеала старост, среќна, се уште многу активна и „добро очувана“.