Во 1969 Курт Вонегат бил сиромашен писател и продавач на коли кои живеел со жената и петте деца на полуостровот Кејп Код. Во новата серија која делумно е базирана на неговиот живот, „Хелтаун“, тој станува опседнат со случај на убиство на две жени проанјдени во песочните дини во близина на Провинстаун. Така започнува потрага по серискиот убиец и опасна врска со главниот осомничен.
Сценариото е адаптирано од истоимена книга на Кејси Шерман, а режисер ќе биде Ед Бергер, истиот оној чиј филм „На запад ништо ново“ на неодамнешното доделување освои четири Оскари, меѓу кои и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
1969 е годината кога Вонегат го објавува својот шестти и најуспешен роман, „Кланица 5“. Полуавтобиографската антивоена книга ја лансирала кариерата на авторот кој бил ветеран од Втората светска војна и воен затвореник во Дрезден. Иако делува дека неговата вклученост во истражување убиство би била крајно фиктивна, во тоа има вистина. Ќерката на Вонегат, Едит, била пријателка со Тони Коста, „Човекојадецот од Кејп Код“. Помислата дека неговата ќерка за малку ќе станела жртва на Коста го прогонувала авторот, кој известувал од неговото судење за списанието Лајф. Да ја прифатела поканата да ја посети плантажата со марихуана на нејзиниот пријател-канибал, таа веројатно би била меѓу големиот број млади жени жртви на харизматичниот убиец.
„Хелтаун“ ќе биде втора серија на Оскар Ајзак, по „Месечевиот витез“ на Дизни+.
Види претходно: „Во главата на Луин Дејвис или што значи мачката“