Oпасноста од „приказнизација“ на буквално сè

Во оваа рубрика често сме пишувале за моќта на нарациите, преку кои вештиот раскажувач може да долови нешта кои сувите факти не можат да го пренесат. „Вешт“ сепак може да значи повеќе работи, меѓу кои и способност за манипулација. Нова книга предупредува дека заводливото во приказните може да биде употребено и за добро, и за лошо. 

Питер Брукс, долгогодишен професор по компаративна книжевност на Јеил, со своите 84 години има големо искуство со приказни, и со флуидната граница помеѓу фикцијата и реалноста. Токму на оваа тема се однесува неговата нова книга, која уште во насловот пласира став - „Заведени од приказна: употребата и злоупотребата на наративот“.

Станува збор за истражување на заводливата природа и моќта на убедување на приказните, со што се поставува прашањето за амбивалентната моќ којашто тие можат да ја имаат во нашето моделирање како поединци и како колективи. Доколку одреден наратив стане доминантен начин на претставување и интерпретирање на реалноста, веќе станува многу тешко да се разликува што е лага, а што вистина. 

Низ шест поглавја кои црпат примери од книжевноста, филозофијата, психологијата и други области, авторот нуди еден вид прирачник за подобрување на нашите аналитички вештини соочени со предизвикот да третираме одреден фикции не само како конструкции туку и како темели на модерниот свет кој објаснуваат сè во него. 

Она што делумно ја генерира конфузијата кога треба да одредиме кои приказни се корисни а кои опасни митови, е што наративите денес се навлезени во секој аспект од секојдневниот живот. „Сторителинг“-от како средство за комуникација го има освоено речиси секое поле на знаење, од политика до медицина, од корпоративно брендирање до нови медиуми. Приказни има на позадината од кутиите со музли и помеѓу опциите за постирање на Инстаграм и Снепчет. За секој производ продавачот не штеди средства да ни каже зошто неговата приказна е онаа што е навистина вредна. Новинарите често ги почнуваат своите статии со анегдота која води до суштината на темата. Парафразирајќи го филозофот Жан-Франсоа Лиотар, Брукс тврди дека „големите наративи“ ја имаат загубено својата привлечност и сега се редуцирани на „мини-наративи“, како „приказна на денот“ кои според авторот се „нарцистични и самодоволни“. 

Ова секако не значи целосно отфрлање на приказните, но она што ни е потребно е свесноста дека тие, како што вели Борхес, „се област на луѓето, а не на ангелите“. Со други зборови тие се добра почетна точка, но се состојат од истата супстанца од која се состои „што ако?“-то, а не од апсолутни вистини. 

извор

29 октомври 2022 - 11:05