Оксфордскиот речник на англиски има регистрирано неколку потреби на терминот deadline. На пример помеѓу печатарите од раниот 20 век тоа било линија на цилиндричната преса која означувала дека текстот кој би преминал преку неа не би бил отпечатен. Исто така е позната рибoловна „смртнолинија“ која датира од средината на 19 век, а се однесува на рибарски конец кој не се мрда во водата.
Модерната употреба на овој збор е под влијание на многу поопасно значење. Датира од американската Граѓанска војна, попрецизно од судењето на еден озлогласен офицер на силите на Конфедерацијата, роден Швајцарец, по име Хери Вирц.
Вирц бил роден како Хајнрих Хартман Вирц во Цирих во 1823. Кога имал околу дваесет, судот го натерал да го напушти Цирих и да не се враќа 12 години, откако тој не вратил позајмени пари. Најпрвин заминал за Русија, а потоа се доселил во Америка. По разгорувањето на Граѓанската војна во 1861 се пријавил како војник во пешадијата.
Еден од првите негови ангажмани била Битката кај седумте борови од 31 мај 1862. Бил тешко ранет и веќе никогаш не можел да ја користи десната рака. Кога се вратил во единицата неколку недели подоцна како награда за храброста бил промовиран во чин капетан. Бргу потоа станал аѓутант на искусниот генерал Џон Вајндер, и назначен за раководител на кампот Самтер, новоизграден објект каде биле затворани дезертерите и воените затвореници.
Следната година кампот станал еден од најголемите воени затвори во целата Конфедерација. Во него имало повеќе од 30.000 затвореници од Унијата, кои таму престојувале во ужасни услови - болести, глад, недостиг на вода и хигиенски услови. Се проценува дека една третина од затворениците починале во текот на постоењето на затворот, заради нехуманите услови. Во негова одбрана, Вирц подоцна тврдел дека немал реална контрола над условите на кампот, што е веројатно и точно земајќи предвид дека секојдневната организација била поделена помеѓу повеќемина некомпетентни луѓе.
Кога војната завршила и Унијата победила, Вирц бил уапсен и изведен пред воен суд во Вашингтон. Дури 150 луѓе, влучително и неколкумина поранешни затвореници, сведочеле против него. Иако историчарите денес сметаат дека некои нивни искази биле претерани, Вирц станал симбол на сето зло кое го нанела Конфедерацијата врз нејзините затвореници.
Еден од најстрашните примери за неговата нехуманост била таканаречената „линија на смрта“ (dead line) која тој ја вовел - линија, на места замислена а на други обележана со штици или стапови, преку која не им било дозволен премин на затворениците. Чуварите имале наредба да пукаат кон кого и да е кој ќе ја допре, падне или ќе премине преку оваа линија, која често не се ни знаело каде точно поминува.
Заради вакви сведоштва Вирц бил прогласен за виновен за прекршување на правата на воените затвореници, и обесен утрото на 10 ноември 1865 (фотографија горе). Наскоро медиумското покривање на случајот довело до популаризирање на зборот „дедлајн“, кој преминал во секојдневна употреба, за среќа во малку понесурова смисла. Или пак не.