Во доцните 1950-ти психологот Хенри Мареј организирал експеримент со факултетски бруцоши, во кој тие требало да ја напишат својата „лична животна филозофија“, вклучително своите главни вредности и принципи. Потоа да влезат во дебата со млад адвокат во врска со добрите срани на таа филозофија. Она што тие не го знаеле е дека адвокатот бил инструиран да ги испрашува и да ги „кине“, на суров начин прикажувајќи им ја другата страна на медалата. Техниките ги имал развиено самиот Мареј за обука на разузнавачи во Втората светска војна.
Резултатите биле очекувани. Студентите биле генерално и интензивно вознемирени што нивните гледишта се нападнати на овој начин. Дури и години подоцна тие со нелагодност се сеќавале на настанот. Еден од учесниците бил - Тед Качински (идниот Унабомбер, за чија биографска серија пишувавме тука).
Но не сите имале таков став кон ескпериментот. Во својата книга „Размисли пак“, Адам Грант, психолог на Универзитетот Пенсилванија, забележува дека повеќето студенти имале негативно искуство, но и дека неколкумина изјавиле дека тоа било поучно, дури и забавно, бидејќи морале да си ги преиспитаат ставовите.
Ова е значајна информација, која се вклопува во теоријата дека промената на гледиштата кога фактите се покажуваат како погрешни, или кога некој нуди подобар аргумент, може да направи да се чувствуваме подобро. Тоа може да нè направи поуспешни, помалку вознемирени и посреќни.
Кога треба да признаеме дека сме згрешиле, или кога треба да си ги смениме мислењата, ние сме неверојатно добри во пружање отпор. Грант пишува дека поседуваме широк опсег когнитивни предрасуди кои ни шепотат (или ни се дерат) во уво: „Ти си во право - одбиј ги сите докази за спротивното!“. Тука спаѓаат и различни други предрасуди, кога се фокусираме на информации кои ги засилуваат нашите уверувања, кога прекумерно се потпираме на само еден клучен податок - најчесто првиот кој сме го добиле и кога страдаме од илузија на валидност, односно кога ја преценуваме точноста на сопствените судови и перцепции. Овие предрасуди се како крокодилска челуст околу нашиот оклоп, која во секој момент се заканува да ни ја скрши заштитата и да нè проголта.
Но како што тврди Грант, ваквата одбрана има голема цена. Лидерите кои се опкружуваат со советници кои само ги потврдуваат нивните ставови понекогаш прават катастрофални грешки. Ако целта е да се дојде до вистината, признавањето на грешка и менувањето на уверувања базирано на нови факти на крај доведува до подобар резултат. Ова е главната одлика на она што филозофите го нарекуваат „епистемолошка понизност“.
Во студија од 2016 објавена во The Journal of Positive Psychology истражувачите дошле до таканаречен фактор на понизност, прашувајќи ги луѓето во врска со нивната отвореност за совет, нивната чесност во врска со сопствените силни и слаби страни и дали обично се радуваат на достигнувања на пријател. Резултатите покажале дека понизноста негативно била поврзувана со депресија и вознемиреност, а позитивно асоцирана со среќа и задоволство. Освен тоа, тие изјавиле дека понизноста е „бафер“ во однос на негативното влијание на стресни животни настани.
Иако признавањето грешка е полесно во теорија, а тешко во пракса, постојат неколку корисни стратегии. Но една од најинтересните се однесува на тоа да не ги документираме ама баш сите уверувања кои ги имаме во моментот. Објавувањето нешто на социјални мрежи или во форма на посериозна објава (колумна, книга), со самото тоа што станува збор за јавен чин, подразбира уште поголем проблем ако треба да ретерираме. Интернет документира сè, и во секој момент може да извади од некој скриено ќоше податок дека сме мислеле вака, а не онака. Тогаш треба да се смислува нова стратегија, човек да се вади дека од тој момент поминале години и дека е нормално да се смени мислење. Но сето ова изгледа како непотребно правдање и знае да биде штетно. Затоа, кроце со објавување ригидни коментари за нешта за кои може лесно да се предомислиме, или за кои се уште нема доволно сигурни информации.