На 25 мај 1978 на Универзитетот Нортвестерн во Илинионис експлодирал пакет повредувајќи го чуварот. Тоа била првата од серија од 16 бомби кои ќе се активираат во следите 17 години, убивајќи тројца и повредувајќи голем број други. Осомничениот, мистериозен лик кој ги испраќал пакетите по обична пошта, а ги полнел со домашно изработен експлозив, станал познат како „Унабомбер“.
Еф-би-ај, исцрпувајќи ги „обичните“ методи кои стоеле на располагање, во јули 1995 го ангажираат Џејмс Р. Фицџералд (фото горе), кој до тогаш изработувал психолошки профили на осомничени за убиства. Но овој случај бил посебен. Унабомберот бил крајно интелигентен, прецизен и доследен во своето однесување. Ги лупел обвивките на батериите за да не се гледа дури ни од која марка се, одбегнувал комерцијален лепак и самиот правел такво добиено од топење eленски копита. Секако, немало ни ДНК ниту отпечатоци. Единствен извор на податоци биле писма кои терористот почнал да ги испраќа до медиумите и до некои од своите жртви. Во 1995 испратил и „манифест“ од 35.000 зборови, куцан на машина, до Њујорк Тајмс и Вашингтон пост, во кој ги навел своите убедувања во врска со технологијата - дека тоа е зло кое општествата треба да го отфрлат и да живеат како во времето на примитивното стопанство.
Токму овие текстови биле клучниот фактор во разрешување на случајот. Но да се добие довербата на Еф-би-ај и на целиот систем во моќта на зборовите да отсликаат индивидуален идентитет, што практично подразбирало дека поради една реченица или употребен спелинг би била организирана масовна, скапа и ризична потера, било предизвик. Можеби просторот кој му бил даден на Фицџералд не се должел толку на убеденоста во моќта на форензичката лингвистика, туку во очајноста на неговите надредени, кои и по 15 години немале ама баш никаква назнака за тоа кој би можел да биде бомбашот.
Во 2017 Дискавери продуцираше мини-серија од осум епизоди под наслов „Менхант: Унабомбер“ која е достапна на Нетфликс. Во неа главен лик е токму Фицџералд (кого го игра, не баш убедливо, Сем Вортингтон од „Аватар“), кој по цела деценија работа како локален полицаец дипломира на Академијата на Еф-би-ај во Квантико и е регрутиран како изработувач на профили во бихејвиоралната аналитичка единица. Тој има тешка задача на почетокот од својата работа да ги убеди колегите дека до тогаш - повеќе од една деценија - тие го барале осомничениот во погрешна возрасна и социјална група, односно дека тој не е ниту студент, ниту пак некој со ниска интелигенција. Ова се потврдило, особено по обелоденувањето на „манифестот“ под наслов „Индустриското општство и неговата иднина“, во кое Фицџералд трагал по необични јазички карактеристики, архаични термини или такви карактеристични за одредено говорно англиско подрачје. Но најмногу по она што се нарекува „идиолект“ - начин на пишување и зборување карактеристично за еден поединечен човек, негова лингвистичка „лична карта“.
Она што тој го сфатил со помош на колегите е дека авторот на манифестот има корени од Чикаго, поради терминологија која се среќавала во неколку весници од Чикаго во текот на 1930-1950, што се поклопувало со фактот дека првите четири бомби биле поставени или испратени од Чикаго. Koристен е и сленг, како „брод“ за девојка или „нигро“ за Афро-Американец.
Сепак, од клучно значење во целиот долг и густ текст се покажала една единствена поговорка - „Не можеш истовремено да го изедеш и да си го сочуваш колачето“ (You can't have your cake and eat it, изедеш/сочуваш). Таа е содржана во реченица во која Качински зборува за негативните последици од елиминирањето на индустриското општество. Но индикативен е необичниот редослед на зборовите, кој е обратен кај современите говорители на англискиот кои велат - „Не можеш истовремено и да го сочуваш и да го изедеш колачето“ (сочуваш/изедеш). Првата варијанта се користела до 1940-тите и од историска гледна точка се смета за оригинална, но некаде по патот редот на зборовите во неа се сменил. Иста таква поговорка и по истиот редослед како во манифестот е содржана во приватна преписка на Тед со брат му Дејвид. Токму таа била основата за апсењето а потоа и судењето. Така, и форензичката лингвистика од „мамбо-џамбо“ метод, станала ценета во криминалистичките кругови.