Човечката културна историја се базира на артефакти, записи, усни истории, за кои метафорично се вели дека се „гласот“ на човекот од минатото. Но што е со неговиот реален глас? Вревата која ја правела древната римска публика во Колосеумот? Воените повици на монголските орди? Гласовите на старите кои ги пренесувале легендите и преданијата покрај огнот?
Професорот по акустичко инженерство на Универзитетот Салфорд, Тревор Кокс, во негова нова книга Now You’re Talking: the Story of Human Conversation from the Neanderthals to Artificial Intelligence („Добро го кажа тоа: историја на човечкиот разговор од неандерталци до вештачка интелигенција“) ги истражува природата, историјата и иднината на човечкиот говор и конверзација.
Колку и да звучат интригантно звуците на водата која удира на некој леден брег, или ветерот во пустината Мохаве, на звучните пејзажи во физичкиот свет им недостасува комплексноста на човечкиот говор, кој е единствен поврзан со свесен потттик и го дефинира индивидуалниот идентитет.
Гласот, секако, не останува константен во текот на животот. Споредбата на архивираните говори на значајни личности покажува менување на тоналитетот со текот на годините. На пример оној на британската кралица, барем според нејзините годишни божикни радио обраќања, се снижувал за еден полутон секоја декада.
Најинтересниот дел од книгата на Кокс е истражувањето на тоа како природата на гласот може да биде дел од предрасудите и стереотипите. Тој се повикува на пионерското дело на Том Хатерли Пир, кој во 1927 ги замолил радио слушателите да коментираат за гласовите на девет поединци. Тој демонстрирал како гласовните способности создаваат детален впечаток за појавноста на говорителот и за неговиот карактер. Некои луѓе едноставно имаат „вокална харизма“ и тоа им помага во тоа да бидат поубедливи и попретставителни. Секако игра улога и неговиот акцент (особено ако е странски во средина која не е баш пријателски настроена кон странци) и генералниот начин на изразување. Но на најбазично ниво, подебелите гласови се поврзуваат со сила, интегритет и компетенција. Кандидатите за американскиот претставнички дом во 2012 добиле 4% повеќе гласови, и имале 13% поголема шанса да победат доколку имале подлабоки гласови. Дури и жабите ги снижуваат своите крекања за да си го зголемат влијанието.
Денес машините веќе се однесуваат како нивните вокализации да се резултат на ментални процеси. Изгледа дека луѓето имаат тенденција да припишуваат свест на сè што зборува. И тогаш кога тоа се други луѓе, кои всушност не знаат што зборуваат.