Oд кондуктер до „Квискотека“: животната приказна на Лазо Голужа

На 85 години почина еден од најугледните хрватски новинари, сепак најпознат како автор на квизот „Квискотека“, кoj прв пат беше емитуван дамнешната 1979, а продолжи да се прикажува цели 15 години.

Кога Лазо Голужа бил во војска во некогашна ЈНА, хрватскиот Вјесник издавал мал месечник под наслов „Избор“ во кој имало преведени тестови од Ханс-Јирген Ајсенк, по потекло Германец, а инаку врвен (додуша по одредени прашања и контроверзен) англиски психолог. Решавајќи ги тие тестови Голужа сфатил дека има „кликер“ за енигматика и загатки, па наскоро почнал посериозно да се занимава со нив.

Неговиот пријател, Борис Јанковиќ-Аргус основал прва енигматска ревија во тогашна Југославија, која излегувала во дури 360.000 примероци, па и тој се приклучил на редакцијата. Истовремено почнал да соработува и на телевизија, но во сатирични емисии, а се обидел да издава и хумористично списание „Парадокс“. По излегувањето на седум-осум броеви тоа било забрането - главниот уредник, писателот Пајо Канижај добил три месеци затвор, а Голужа бил повикан од страна на директорот на хрватската телевизија, кој му врачил отказ.

Голужа во тој момент бил женет и имал мал син, па со оглед на тоа што му се случувало во Хрватска одлучил да замине со семејството во Франција. Неговата сопруга Весна била дете на хрватски емигранти, имала француско државјанство и родители во Париз. Голужа таму набргу се вработил како кондуктер (стујарт) на ноќните возови. Бидејќи бил меѓу најобразованите вработени, му давале подобри линии, па така често работел во легендарниот Син воз кој сообраќал од Париз до Азурниот брег. Во тој воз запознал голем број славни личности - Грејс Кели и принцот Рение од Монако, глумицата Мишел Морган и тогашниот француски министер за финансии Жискар Д’Естењ, на кого Лазо му прорекол дека еден ден ќе стане претседател на Франција.

Негова роднина во Париз имала угледен кројачки салон во кој еднаш дошол Жан Тингли, еден од најголемите швајцарски скулптори на 20 век, познат по своите кинетички (подвижни) скулптури. Голужа станал многу близок со него, дури имал и клучеви од неговото атеље и знаел каде му стои вискито. Сепак, и покрај добриот живот, не останал во Франција.

Кога со колеги од Хрватска отишле да ја слушаат Тереза Кесовија, која во тоа време исто така живеела во Париз и настапувала во познат париски локал, тие го прашале дали би се вратил на телевизија. Голужа им рекол дека би го сторил тоа, под еден услов - ако му стигне телеграма во која ќе пишува дека работното време му почнува од тој и тој датум.

Иако звучело како шала, ова навистина се случило. Во телеграмата која пристигнала во Париз пишувало: „Твоето работно време тече“. Најпрвин, за секој случај, тој се вратил во Загреб сам, а по три месеци се придружило и семејството. Тоа додуша не можело да се навикне на животот во Југославија, па тој, сопругата и двете деца се разделиле. Голужа во Загреб станува опседнат со телевизијата, постојано смислува нови проекти, а во 1979 и квизот „Квискотека“.

Откако водителот, легендарниот Оливер Млакар, ќе посакаше „угодно вече“ ги претставуваше натпреварувачите и жирито кое секогаш беше во следниов состав: Дарко Новаковиќ, Павао Павличиќ, Борис Сенкер, и самиот Лазо Голужа. Она што сепак многумина го забораваат е дека првите четири сезони квизот не го водеше Млакар, туку Иван Хетрих. Маскотата беше Квиско, денес би рекле „еко“ фигура од дрво, дело на академик Мирослав Шутеј. Квиско се доделуваше на секој играч кој ќе освоеше повеќе од седум поени, удвојувајќи му ги бодовите при одговор на прашање во некоја од следните рубрики. Оваа маскота станала толку популарна што во редакцијата постојано пристигнувале такви изработени од различни материјали, дури и на часови по ликовно во основните училишта. Кога веќе немале каде да ги стават, Голужа предложил да бидат сместени во просторија каде се чувале униформи и средства за „одбрана и заштита“. Но инсектите и молците од фигурите направени од пченка, жито и други органски материјали уништиле сè.

Некои од најпознатите игри на Квискотека беа асоцијации, детекција и општиот квиз на знаење (за кое богами требаше знаење). За жал мал е бројот на целосно сочувани епизоди онлајн, а преку нив индиректно е сочуван и голем дел од културната историја на некогашна Југославија. Ако добро се сеќаваме, во квизот учествуваше само еден Македонец, Ане Тунтев.

1 декември 2020 - 16:16